На денешен ден е роден Томо Владимирски (Скопје, 26 август 1904 – Скопје, 14 септември 1971) во Пајко маало. Бил македонски сликар, сценограф, еден од основоположниците на модерното македонско сликарство.
Првите сликарски поуки ги добил од својот учител, зографот Димитар Андонов Папрадишки. Во 1935 година завршил академски курс во Белград, a веќе во 1937 година, специјализирал сликарство на Уметничката академија во Прага, кај професорот Јакоб Обровски. Сценографијата е област во која Владимирски постигнал сериозни и значајни остварувања. Тој е еден од основоположниците на театарскиот живот пред и по Втората светска војна.
Целиот работен век го поминал во Македонскиот народен театар, работејќи како сценограф за многу драмски, балетски и оперски претстави. Првата изложба ја имал во Прага, имал ретроспектива во Скопје (МСУ, 1981), a последната ретроспективна изложба беше во Националната галерија на Македонија (2004 г.) со одбележувањето на 100 години од неговото раѓање. Стилски се поврзува со реалистичкиот и експресионистичкиот израз кој се одликува со разновидна тематска определеност: градски мотиви, мртва природа, портрети, а по војната, сликал историски содржини и мотиви од реките Вардар и Радика.
Неговите дела се наоѓаат во многу музејски збирки во Македонија, како во македонски приватни збирки, така и во странски.
Извор: Национална галерија на Македонија