Самостојна изложба на Биге Кочиште под наслов “1441“ во Чифте амам

На 21 септември 2020 г. (понеделник), во 12 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на БИЉГАИП КОЧИШТЕ – БИГЕ под наслов “1441“ на која авторот ќе се претстави со четириесетина дела.

Старец, 2020, масло на платно


Автопортрет, 2020, масло на платно

„1441“ е насловена изложбата на Биљгаип Кочиште – Биге, на која ќе бидат изложени 44 дела во маслена техника. Најголем број од нив се портрети (38), а останатите – мртва природа, пејсажи.

Творештвото на Биљгаип Кочиште – Биге е главно ориентирано кон апстрактното сликарство па се поставува прашањето „Зошто сега портрети“? Иницијална причина за реализирањето на еден ваков проект, претставува миграцијата која се има чувство дека зазема се поголеми размери. Очигледно е дека авторот особено емотивно го доживува губењето на своите блиски пријатели, роднини, колеги, кои ја напуштаат својата земја со надеж дека ќе го најдат својот подобар живот во друга. Насликаните портрети не се измислени личности, тоа се луѓе со кои тој ги делел своето детство, младост и сегашноста, некој од нив се заминати, а некои пак и во овој миг се подготвуваат да ја напуштат татковината. Нивните лица се главно сериозни, замислени, насмевките ретки и благи, а текстурата која се забележува во сликањето на делото, ја прави несекојдневна нивната гардероба. И конечно, можеби инстиктивно, на овој начин сака да направи еден „албум“ во кој ќе ги зачува сите свои спомени врзани за личностите со кои имал еден заеднички живот.

Пеперутка, 2007, масло на платно, 149×100 cм

Биљгаип Кочиште – Биге е роден е во Тетово во 1971 година каде и денес живее и работи. Има реализирано 20 самостојни изложби во Турција, Германија, Австрија, Хрватска како и во својата земја. Учесник е и на многу групни изложби во земјава и во странство. Во неговата биографија се забелажани и други професионални активности. Тој е сценограф на театарската претстава „Кривина“ од Танкред Дорст, во режија на Петрит Незири во 2019 година, како и во долгометражниот филм „Окапениот“ во сценарио на Арбен Тачи.

Добитник е на наградата „Константин Мазев – Коце“, за мал фомат, КИЦ, Скопје; „Златна розета“ во Бурса, Турција, за придонес во уметноста во 2009 година; „28 Ноември“, втора награда во Тетово.

Изложбата „1441“ на Биљгаип Кочиште – Биге во Чифте амам, ќе трае до 30.9.2020.

Куратори на проектот се Љупчо Маленков, виш кустос и Александра Зиновски Вилиќ, кустос.

You May Also Like