Оваа сабота (19 септември) со почеток од 22 часот, на отворениот кино-парк Ибни Пајко во Скопје (позади Македонската Филхармонија) документарниот хип хоп филм „Њујорк: Аџилак“ ќе ја доживее својата македонска премиера, како дел од филмскиот фестивал Синедејс.
Режисер на 39-минутниот филм е Славчо Ковилоски, како продуценти се јавуваат Александар Ковилоски и Стојан Кавески, монтажата е на Гаврило Маријан, а е во продукција на Хип Хоп Македонија.
Филмот е своевидно патешествие низ улиците на Њујорк, родното место на хип хоп културата. Сите тие културни влијанија, расни проблеми, и борби за права се прикажани во културна смисла. Главна цел е да се направи паралела помеѓу развојот на хип хопот во САД и во Европа, поточно во Македонија, каде хип хопот се појави на почетокот од 90-тите. Овој документарец исполнет со музика од златното време на хип хопот и слики од гетата и местата каде се развиваше оваа култура даваат личен приказ за градот која ја доживеал авторот на филмот, кој пораснал со хип хоп културата. Освен воведните сцени од Скопје, филмот е целосно снимен во Њујорк, 2018 година, на улиците на Харлем, Квинс, Бронкс и Бруклин. На постпродукцијата е работено две години.
Македонската премиера се одржува по светската премиера одржана на фестивалот ДОРФ во Хрватска, а на 23 септември ќе учестува на фестивалот за музички документарци Dok’h’Ritam во Белград.