Стефан Соколовски е роден 1997 година во Куманово, е самостоен македонски фотограф кој се занимава со модна и уметничка фотографија. Со фотографија се занимава од својата 15-годишна возраст.
Својата пасија кон оваа уметност ја открил најпрвин преку цртање и скицирање портрети кои подоцна ќе ги долови преку својот објектив. Фотографијата е дел од неговиот живот веќе 7 години, од кои 4 години професионално, и има достигнато статус на афирмиран фотограф.
Негов најголем предизвик за фотографија се фотомодели и познати јавни личности, од областа на музиката, културата, модата, уметноста и шоу-бизнисот. Досега има објавено фотографии во разни списанија, билборди и рекламни кампањи. Свои фотографии има изложувано во Македонија, Србија, Португалија, САД и Германија. Својата прва награда ја добива на 17 годишна возраст.
“Celebrity culture ” e негова прва самостојна изложба.
Стефан, својата фотографска приказна ја започнуваш доста млад, со само 15 години. Твоето прво јавно претставување беше токму тука, на COOLTURA.mk. Што се се смени во изминатите шест години?
– Токму така! Еве сега во таа чест и почит прво кај вас екслузивно и ја изјавувам мојата прва самостојна изложба. Ви благодарам на укажаното долгогодишно внимание!
Инаку секако се сменија многу многу работи… Тогаш почнувајќи само како хоби и чиста пасија за фотографија, прераснав и се надоградив професионално компетно во таа област , во скоро и со диплома! Сработив безброј фотосесии, проекти, кампањи , едиторијали, билборди и склопив многу соработки со врвни уметници и професионалци во областа уметноста и модата , национално и интернационално. Тоа на кариерно поле ,а приватно посетив околу 30 земји и сеуште патувам и се инспирирам од овој светот убав…
Воглавно изработуваш модна фотографија. Во твоето портфолио може да се забележат во најголем дел убави млади девојки. Тие ти се инспирација или тоа е она што пазарот го бара, комерцијално?
– Хахаха не, воопшто. Никако не дозволувам пазарот да ми ги диктира моите лични проекти и фотографски афинитети. Зависи можеби само некои клиенти и големи луѓе, компании и брендови успеале малку во тоа.
Убавите девојки и жената воопшто со својот физикус , личен карактер и психичка вредност претставува моја вечна инспирација.
Дали со досегашната твоја работа успеа да излезеш од границите на Македонија и колку работејќи од Куманово може да се успее. Дали локација е хендикеп или не?
– Локацијата може да е хендикеп да, но не давам да биде така и во мојот случај. За среќа ги имам за најдобри другарки најубавите кумановки и со нив ја започнав својата кариера како фотограф. Надвор од Македонија имам работено во сите соседни држави се разбира, како и во Португалија, Италија, Германија, Кипар и Америка.
Изложбата која овој петок (7 декември) ќе се случи во Мала станица е твоја прва самостојна изложба. Со што ќе се претставиш на истата, што беше инспирацијата и кои се твоите очекувања?
– Идејата е да се прикажат разликите и контрастот во реалностите помеѓу приватниот и јавниот живот на самите познати личности. Како ги знае јавноста, во какво светло, по што се познати, а паралела какви се тие приватно во личниот живот. Од сите 15 јавни личости ќе има по две фотографии на изложбата. Моите очекувања се да покажам на нашите луѓе еден креативен и уникатен коцепт кој произлегува од самата реалност и да инспирирам млади и талентирани личности. Се подразбира очекувам огромна како и веќе најавена посетеност и добра забава и уживање на самиот настан.
Што е следно? Каде и како понатаму? Планови, предизвици?
– Моментално паралелно работам на неколку новогодишни кампањи за неколку македонски брендови , една кампања за театарска претстава и една своја модна фотосесија. Следуваат и 5 гостувања и интервјуа во различни телевизии и радиа во врска со изложбата и организирам работни патувања кои се во блиска иднина.
Предизвици имам премногу и просто ги обожавам, вечно ме мотивираат!
Александар Ристевски