Ретроспективна – моногрaфска изложба на Реџаи Исени

Ретроспективна – монографска изложба на авторот Реџаи Исени ќе се отвори на 23.09.2019 година (понеделник) во објектот Чифте Амам, со почеток во 20 часот.

Реџаи Исени (1939 – 2018), е автор чие целокупно творештво е сепак битен сегмент од македонската современа уметност, поврзан со посткубистичките влијанија кои во нашата средина не беа силно изразени, а сепак присутни и негувани во одделни варијанти кај некои творци.

Иако во локални и национални рамки, (дури и екс југословенски, особено меѓу средината и постарата генерација), поради активното делување од крајот на шеесеттите, па се до осумдесеттите години од дваесетиот век, доста е познат и почитуван, но може да се констатира дека неговото место и улога не се доволно потенцирани и експонирани.
Со ретроспективната изложба која ќе се реализира, посеопфатно, за првпат пред пошироката културна јавност ќе се претстави творештвото на Реџаи Исени, како вредно ликовно творештво. На јасен начин ќе се надополни учеството на овој автор, како важна алка во тековите на нашата уметничка продукција.

Реџаи Исени е роден во с. Матејче (кумановско), во 1939 година. Во 1958 година ја завршува Учителската школа во Скопје. Основите од ликовното образование ги има стекнато во Учителската школа и поуките од Киро Караџа. По неколкугодишна пауза во која учителствувал во неколку основни училишта, продолжува да се надоградува на Педагошката академија кај професорот Вангел Коџоман. Тука стекнува познавања од класично сликарско образование во знакот на „добрата стара сликарска школа“ која несебично ги пренесувала вештините, совладување на сликарските техники, откривање на „малите тајни на големите мајстори“, владеење на ликовните елементи и нивно натамошно вградување во сопствен ракопис.

Во својот животен век има реализирано повеќе самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјава.

Добитник е на Ноемвриска награда на град Куманово во 1976 и 1995 година. Националната награда „23 Октомври“ му е доделена во 2016 година.

За творештвото на уметникот, во монографското издание, свој авторски текст има историчарот на уметност Гоце Божурски кој долги години го истражувал ликовениот опус на Реџаи Исени. Монографијата е во издание на Националната галерија на Македонија.

На изложбата ке бидат изложени околу четириесет ликовни творби, од различни временски периоди и техники во кои творел Реџаи Исени и истата ќе биде поставена во Чифте амам до 8 октомври 2019 година. Организација на изложбата: Маја Крстевска, виш кустос.

На отворањето на изложбата ќе се обрати директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими.

You May Also Like