За „Македонската песнарка“ на Ѓорѓија Пулевски од 1879 година

„Македонска песнарка“ нa Ѓорѓија Пулевски, објавена 1879 година во Софија, е првата одделна стихозбирка на македонски јазик во нашата литературна историја.

Во оваа поезија е одразена македонската национална идеологија и суштина на Македонското (Кресненско) востание (1878-9), а песните биле пеени меѓу револуционерите, за што биле и наменети.

Во збирката, освен македонски народни песни, Пулевски објавил и 3 свои авторски поеми:
– „Плачење македонско“ (Плаченѣ Македонско),
– „Во прилог на Македонците “ (Македонцимъ увъ Прилогъ),
– „Жалост македонска“ (Жальостъ Македонска).

Во стихозбирката се објавени најраните револуционерни песни, во коишто се истакнува македонското национално име. Уште во првата поема „Плачење македонско“ се зборува за „Македонци“ и „македонски земји”, додека пак, во „Македонцим ув прилог“ се даваат и некои историски рамки од минатото на Македонците.

Насловот на „Песнарката“ јасно укажува дека таа е национално Македонска, но и самите лични поетски творби на Пулевски, како „Самовила Македонска“ претходно, така и „Плачење македонско“, „Македонцим ув прилог“ и „Жалост македонска“ – носат прилично јасен македонски национален белег. Притоа, зборовите „македонски“, „Македонец“, „Македонци“ се јасно нагласени (дури 11 пати се јавуваат во песната „Плачење македонско”). Сето тоа е одглас на историскиот миг, во којшто и според официјалните документи на Македонското востание, насекаде стои македонското национално обележје – „Македонци“.

Во своите лични песни во „Македонска песнарка“, Пулевски всушност реагира на времето и настаните во коишто живеел. Веројатно нив ги пишувал во текот на Македонското востание, бидејќи во нив не се чувствува дека тој знаел за завршницата на востанието, иако се објавени подоцна.
Значајно е што стихозбирката „Македонска песнарка“ содржи и три лични графички издиференцирани песни. Во нив е одразена идеологијата на учесниците во Македонското востание, па песните биле пеени од револуционерите и од народот. Не е случајно што во нив толку се истакнува македонското национално име. Пулевски всушност ја одразува идеологијата на Македонецот од крајот на XIX век, затоа песните биле прифатани и пеени, зашто во нив се изразени волјата, идејата и свеста за создавање сопствена, македонска држава на македонскиот народ.

Некои од народните песни во „Песнарката“: „Три војводи,“, „Три кровача“, „Челник Димо“, „Свјати Никола“, „Битољка“, „Стојан војвода”, „Жалост Негушка“, „Искушение-верност“, „Злата“, „Диљба“, „Краљска“ и „Здравица“. ——-/

 

извор: Macedonia: a True Endless Story

You May Also Like