Со голема болка и жалење ве известувамe дека во петокот (11.9.2020) околу 11:30 часот, почина македонската пејачка Нина Спирова (1938-2020).
Нина Спирова е родена на 26 октомври 1938 година во Прилеп. Од петгодишна возраст знаела дека нејзината животна определба ќе биде пеењето. Секогаш ја интересирале височините на оперските пејачи и нејзината прва љубов била операта. Поради големата желба кон музиката, на мала возраст започнува да пее народни песни во Прилепскиот театар.
Во својот роден крај има завршено нижо музичко училиште, а потоа доаѓа во Скопје за да учи во Средното музичко училиште на отсекот соло пеење. Професионално започнува да пее на своја шеснаесетгодишна возраст, а на тогашната југословенска естрадна сцена за првпат стапнува во 1962 година. Во тоа време, новинарите за неа пишуваат дека „родена е новата ѕвезда”. По првите настапи на југословенската сцена, Нина започнува да бележи низа успеси и признанија.
Нина Спирова е меѓу првите македонски женски изведувачи на забавна музика, но, во својата кариера се посвети и на народната и староградска музика. За продукцијата на МРТВ има снимено над 80 композиции, од кои поголемиот број се впишани на листата евергрини. Освен авторските песни, Спирова има исполнето и снимено голем број познати хитови од страна на светски аранжери. Нејзината плоча „Македонски бисери” во 1983 година беше прогласена за најдобро дискографско издание во областа на народната музика. Освен на македонски јазик, Спирова има снимено сингл плочи и на српскохрватски јазик.
Нина Спирова беше дел од првите изданија на Скопскиот фестивал, а во својата кариера има соработувано со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери. Драган Ѓаконовски Шпато во својата ранг-листа на македонска забавна музика и нејзините потенцијали, ја опишува Нина Спирова како ненадмината и ја сместува во втората генерација најдобри женски вокали на македонската музичка сцена.
Нина се повлече од музичката сцена во 1980-тите години, а околу половина век живееше во Србија. Последните години од својот живот ги помина во семејната куќа во село Коштуничи во близина на Чачак.
Погребот на Нина Спирова ќе се одржи денес во село Коштуничи.
Вечна ѝ слава!