Промоција на „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ на Александра Јуруковска

Излезе од печат втората книга „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ на Александра Јуруковска. Промоцијата ќе се одржи на 12 април (петок) во 20 часот во Младинскиот културен центар

Промотори на делото ќе бидат проф. д-р Елизабета Шелева и проф. д-р Александар Прокопиев.

Александра Јуруковска е новинар и книжевен критичар. Родена е 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите.

Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија: Радио Бус, Македонско Радио – Радио Скопје, Наша ТВ, Студент ФМ 92.9- радиото на УКИМ. Од 2016 е новинар и водител во ТВ АЛФА.
Новинарското искуство го надградува низ повеќе професионални обуки и програми во Дојче Веле, Радио Канада и Институтот Медиапан во Сараево.

Во 2017 и 2018 била шеф на прес-центарот на Струшките вечери на поезијата и модератор на фестивалските панел-дискусии. Истата година е гостин-уредник и на престижната европска платформа за поезија Версополис и нејзиното е-списание www.versopolis.com

Јуруковска е долгогодишен уредник на порталот www.cooltura.mk.

Нејзините новинарски текстови, критики, рецензии и есеи за литературата и театарот се објавувени во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во Македонија: „Синтези“, „Наше писмо“, „Културен живот“, „Театарски гласник“, „Спектар“, „Литературен збор“, „Разгледи“, „Современост“ како и на порталите: eckermann.org.rs, www.blesok.com, www.reper.net, www.balkani.eu, www.javno.com. Учестувала на повеќе научни конференции и дискусии од областа на културата и медиумите.
Од 2008-2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“.

Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови.

You May Also Like