Проектот „На работ“на Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ во Чифте амам

Како еден градежен работник стана инспирација за Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ? Проектот „На работ“ вечерва  (вторник, 10 септември 2024 година), со почеток во 20 часот ќе биде претставен во НАционалната галерија на Македонија, објект Чифте амам, во Старата скопска чаршија.

Необезбеден градежен работник чекори на греда на објект во изградба, додека трае митингот на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје пред шест години. Оваа блиц-сцена е појдовна точка за мултимедијалниот уметник Гоце Наневски и музичарот Дориан Јовановиќ да почнат да работат на проектот „На работ“.

Куратор на проектот е Ана Франговска, кустос-советник во Националната галерија на Македонија. Наневски и Јовановиќ ја појаснуваат својата ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галиматијас кој секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција, вели Франговска.

– Тој се занимава и со дневнополитички прашања, но на прво место стои социолошкиот аспект, меѓучовечките односи, генетскиот код на „малиот“ или „големиот“ човек, начините на живеење… Наневски и Јовановиќ спроведуваат социјален конструктивизам, кој се користи во социологијата и според кој реалноста не е вродена, туку општествено конструирана преку јазикот, симболите и споделените значења. Тие ги конструираат, деконструираат или реконструираат општествените реалности. Ги преиспитуваат или критикуваат овие конструирани реалности, истакнувајќи ги начините на кои се обликуваат општествените норми и вредности, вели Франговска.

Според Наневски, „На работ“ е длабоко инициран од „еко-системот“ на социјално-општествените феномени кои го обликуваат културното, социјалното, емоционалното живеење во нашиот „базен“.

– Проектот се одмотува од видеото насловено како „На работ(а)“. Видеото е од материјал снимен во живо на 16 септември 2018 година за време на митингот на коалицијата „Заедно за европска Македонија“, пред седиштето на Делегацијата на ЕУ, додека во полн ек е изградбата на комплексот „Дајмонд“. За време на митингот снимен е еден од работниците како необезбеден работи и се движи по крајната греда на петтата плоча од една од зградите (денес хотел). Одењето (состојбата) на работ е парадигмата на овој проект, истакнува Наневски.

Соработката со Дориан Јовановиќ не е ништо ново. Тие и порано соработувале на помали проекти, или се надополнувале на дела што ги работеле поединчено.

– „На работ“ бара многу, комплексен е, на повеќе нивоа. Добро е што сме тука заедно во изведување на резултатите. Праксата покажува дека одлично функционираме како уметнички ангажиран тим – вели Наневски.

Иако станува збор за визуелно-звучен проект, сепак во неговата суштина е една социјално-општествена тема. Логично следува прашањето која е улогата на уметноста во укажувањето на сите овие појави? Според Наневски, феномените од типот на масовна шунд култура олицетворена низ различни деривати, изопачените вредности, агресијата, примитивизмот се нешта на кои секојдневно сведочиме пласирани како „висока вредност“.

– Овој пат, нашата улога е во рамките на општествената одговорност, со алатките кои нам ни се допаѓаат или ни се блиски, да рефлектираме на аномалиите низ еден индивидуален уметнички чин. Уметноста ја има моќта да рафинира и преобликува и таа/тоа умее да генерира среќа. Слушањето односно следењето на уметниците е еквивалент на визионерство, непрепознавањето на уметноста е пат по слепа улица, дециден е Наневски.

Јовановиќ вели дека проектот е еден различен поглед на работите „на работ“: настаните и процесите околу нас за кои сме помалку или повеќе свесни, но и и на кои што сме помалку или поцеќе навикнати.

– Навикнати на превртени вредности, вистини, разбирања и недоразбирања, на што може и не може. Несвесни за подземните сили кои што нè прелажуваат за свој интерес, за моќноста и големината на универзумот, за различните погледи кон светот. Но, се‘ почна од идеја за едно видео која што ја имаше Гоце и за која во еден брејнсторминг дојдовме и до идејата да направиме изложба. Скоро да секоја идеја имаше различен почеток: некогаш звукот некогаш визуелното или нешто трето, но низ разговори ги градевме и доградувавме со елементи и значења. Звучната димензија на делата не е музичка, туку колажи од звуци, шумови, индустриска бучава, говор, по некој инструмент кои се асоцијативни и/или надоградувачки на визуелната димензија, а понекогаш и за самите себе – објаснува тој.

Изложбата ќе биде поставена во Чифте амам до 27 септември.

You May Also Like