„Pефлексии на новата реалност“ – самостојна изложба на Лазе Трипков

„Pефлексии на новата реалност“ е шеста самостојна изложба на Лазе Трипков, која се осврнува кон приоритетните проблеми на новото време. Постојано сме опркужени со информации поврзани со пандемијата и вирусот КОВИД-19. Тоа не приморува да ги ограничиме нашите социјални потреби, па секојдневието полека ни станува „дигитално“. За време на изолација во април 2020, Трипков започна со својот визуелен проект под наслов „Изолациско расположение – креативни рефлексии“ кој привлече сериозно внимание дома, како и пошироко, па делата кои беа креирани од тој период веќе без изложени во неколку држави.

Изложбата ќе биде отворена на 19 октомври (вторник) со почеток во 19 часот, во Мултимедијалниот центар Мала станица, кој е дел од Националната галерија на Македонија.

Сите плакати или визуелни размислувања се лична рефлексија и се одраз на лични доживувања. Доминираат пејсажите, можеби поради карантинот, а има многу колажи и колажни експресии кои имаат за цел да го манифестираат ставот на Трипков кон изолацијата и дополнитeлно да помогнат во артикуалцијата на неговиот личен развој како визуелен уметник. Социјалниот и емотивниот немир беа водилка и поддршка во неговата креативна игра на симболи, значења, визуелна поетика, експресија, обиди за минималистичко промислување, естетско усовршување…

„Преку оваа изложба/проект ќе се обидам да иницира дуел меѓу уметноста во галеријата (галерија како физички простор) и галеријата во виртуелна реалност (виртуелен галериски простор). Посетителот ќе има директна можност покрај изложените плакати и сам да управува со содржината на делата. Преку посебно креирана платформа за виртуелна реалност, со помош на VR технологија секој ќе може да нурне во моите визуелни рефлексии, да ги обликува и да раководи со содржината, да ја модифицира, користејќи ги постојните форми од плакатите“, истакна Трипков.

За прв пат во музеите во Македонија ќе може да се погледне изложба која има траснмедијален карактер кој поттикнува технолошка и директна интеракција на посетителот и авторот, преку неговите дела, а интензивирано преку виар технологија.

Ана Франговска ќе изјави: „Авторот во овие решенија, допира една друга и поинаква димензија, димензијата на дигитално процесираните идеи кои нудат инакви сензации и размисли. Но, тука предизвикот на Трипков не запира, иако ова е негова конфорна зона, бидејќи мошне вешто манипулира со алатките на својот I-book. Тој продолжува да нурка подлабоко во „новата реалност“ и новите можности, обидувајќи се своите дводимензионални графички концепти да ги трансформира во виртуелна реалност во која гледачот нема само да резонира и замислува дека влегува, туку виртуелно, со оптички помагала, и ќе влезе и ќе ја доживее компјутерски симулираната уметникова плакатска креација во 3Д искуство. Уште една парабола повеќе, е што Трипков одлучува да инкорпорира и интеракција, т.е. посетителот не само што ќе влезе 3Д во „неговиот свет“ туку и ќе го истражува и менува, ќе симнува форми, ќе отвора фиоки, ќе става крилја, ќе се искачува по скалила со помош на мултимодален уред… Оваа трансмедијалност, преод од една во друга медиумска репрезентативност ги вклучува сите сетила и го зголемува нивото на адреналин, чинејќи го реципиентот постојано надразнет од искуствата кои му се нудат. “

Причините за постоење на музеите, театрите, кината, концертни сали, во нам познатиот формат, веројатно ќе претрпат соодветни трансформации за генерациите кои што ќе следат. Затоа, овој проект промовира нов, различен пристап и ќе се обиде да ги испровоцира доживувањата на уметноста преку виртуелна реалност со спротивставувања на концептот на „стандардното“ наспроти дигиталната технологија. И на крај, истата изложба ќе може да се посети преку апликација и да се разменат чувствата и релациите со авторот.

Разбирањето на уметноста наспроти случувањата со пандемијата добива поинаква перспeктива, а одговорноста диктира нов курс во улогата на дизајнерите и уметниците. Циклусот сам по себе наметна неколку фази на развој, а се заокружи со последната фаза на пост-изолација, која пак изнуди една поизострена ликовна форма и се трансформираше во рефлексии инспирирани од влијанието на геометриските форми или линискиот растер. Токму тоа, ја заокружи неговата визуелна игра.

Изложбата е поддржана од Министерство за Култура и со поддршка на неколку приватни компании и поединци.

Лазе Трипков, автор
Ана Франговска, куратор
Трајко Митревски, Соработник за VR технологија

_______

Лазе Трипков е вонреден професор на Факултетот за уметност и дизајн на Меѓуанродниот Балкански универзитет во Скопје. Основач на „Плакарт“ и „Скопје постер фестивал“. Трипков е и поранешен директор на Музејот на современата уметност, иницијатор и куратор на бројни меѓународни проекти и изложби, како и ко-основач на Скопската недела на дизајн и член на Одборот на Варшавското биенале на плакат.

You May Also Like