Во Галеријата „Око“ вчера (вторник, 18 декември) се отвори изложбата „Рефлексии од реалноста“, чиј автор е Маја Анастасова Христова.
На изложбата се претставени триесетина дела од најновиот циклус на авторката.
Маја обработува навидум обична тема, во која се препознаваат архитектонски облици од урбаниот свет и градот, а застапени се и луѓето кои живеат во него. Меѓутоа, со несекојдневниот пристап кон изработката на делата, таа создава нови претстави на навидум обичните глетки, на кои им дава ново постоење.
Групирани во диптиси и триптиси, сликите се дел од пошироки претстави, но композициски се компонирани да постојат и самостојно. Преку интензивниот колорит и комбинацијата на сликарски и цртачки елементи, со оваа своја изложба Маја ја претставува убавата страна на визуелното.
Изложбата ќе биде отворена до 23 декември.