Грандиозен гала балетски концерт „Големиот Чајковски“ приредија вчеравечер уметниците од Македонската опера и балет, на отворањето на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
На сцената на Античкиот театар, балетските првенци, Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичиашвили и Бобан Ковачевски, како и солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет приредија импресивен омаж за еден од најзначајните композитори од светската музичка ризница Петар Илич Чајковски. Тие ја изведоа балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ , како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, за што беа наградени од публиката со бурни и долготрајни овации.
Обраќајќи се пред публиката, Министерката за култура на Република Македонија, Ирена Стефоска, од сцената на Античкиот театар рече дека „Охридско лето“ е престижен настан кој веќе ја надмина фестивалската улога и стана македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост.
-Пандемијата која што го занеме светот, не го занеме нашето „Охридско лето“. Поставено на здрави темели, градено со љубов и негувано со почит-тоа не само што трае туку и ни го дава најдоброто од себе. Тоа е уметноста-лечителка на душата, рече Министерката Стефоска.
Според Министерката, ниту Охрид може без „Охридско лето“, ниту „Охридско лето“ може без Охрид зашто како што образложи, магијата е заемна исто како што е магичен и целиот регион.
-Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме –не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест. Во таа задача, ние како Влада, можеби навидум одиме бавно, но не сопираме. Како што не сопира ниту нашето „Охридско лето“. Зашто летата во Охрид почнуваат и завршувааат со „Охридско лето“. Сѐ пред тоа, и сѐ потоа, е само лето, додаде Министерката за култура Ирена Стефоска.
Пораката на „Охридско лето“ во името на сите уметници , годинава ја пренесе познатата балерина и кореографка Олга Панго која нагласи дека уметноста е човековиот постојан стремеж да креира за себе поинаков ред на реалност од оној кој му е даден.
– Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста која секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Ние ја дишеме и живееме музиката, го дишеме и живееме танцот. Нашата порака ќе ви ја пренесеме онака како што најдобро знаеме – од сцената, која последнава година и половина премногу ни недостасува. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници ќе го отвориме фестивалот „Охридско лето“. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во име на уметноста, рече Панго.
Годинешното 61-во издание кое вчеравечер беше најавено и со богат огномет над охридското небо, на Античкиот театар, во црквата „Света Софија“ и во нејзиното предворје, на сцената „Долни Сарај“ и во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе донесе 40 фестивалски вечери исполнети со квалитетна програма и врвни уметници.