Објектот на велешката библиотека ќе се пренамени во Младински мултимедијален центар

Зградата на локалната библиотека „Гоце Делчев“, општина Велес планира да ја пренамени во Младински мултимедијален креативен центар.

Како што најави градоначалникот Аце Коцевски, оваа зграда во иднина ќе работи како Мултимедијален младински центар наменет за вежбање на Балетското студио „Анабела“ и „Црни мачиња“, на фолклорните друштва од градот и други музичари и младински активисти и групи.

Предвидено е бараката на КУД „Керамичар“ лоцирана во Младинскиот парк да се адаптира и реновира и таму да се пресели библиотеката.

Инаку, локалната библиотека „Гоце Делчев“ во сегашната зграда е од август 2008, кога беше префрлена од малите простории што се наоѓаа во центарот на градот.

Во просториите на сегашната библиотека „Гоце Делчев“ претходно работеше Пионерскиот дом „Ѓоре Органџиев“, кој беше затворен пред петнаесеттина години. Во зградата на Пионерскиот дом претходно работеше Младинскиот центар во кој се собираа фолклорните и други ансамбли на градот и тука вежбаа.

Во зградата на сегашната локална библиотека се наоѓа и големата сала „Бели мугри“, каде се одржуваат бројни манифестациии, како и културни и други настани во Велес.

You May Also Like