Зборник со трудови за Ѓурѓовден – празникот кој што поврзува пет етнички заедници

Најмалку пет етнички заедници во Македонија го слават Ѓурѓовден – Македонци, Роми, Турци, Албанци и Власи, и затоа се смета за празник кој не и припаѓа на државата, туку на народот. Значењето на ова нематеријално културно наследство е во неговата кохезивна функција во нашето општество. Ѓурѓовден се празнува на 6 мај и го слави будењето на природата и обновата на вегетацијата.

Управата за заштита на културното наследство и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ промовираа Зборник со трудови кои ги претставуваат начините и обредите на празнување на Ѓурѓовден кај секоја од овие пет етнички заедници. Публикацијата е заокружување на повеќегодишната соработка меѓу УЗКН и Институтот на валоризација на празнувањата, а промоцијата е дел од активностите на „Европската година на културното наследство 2018“.

Директорката на Управата, Елеонора Петрова-Митевска, на промоцијата рече дека во 2009 година УЗКН подготвила пет посебни апликации кои Владата ги донесе во 2011-та и го прогласи Ѓурѓовден како културно наследство од особено значње, поткатегорија – исклучително значење за Република Македонија.

Од 2009-та досега постојано се води борба Ѓурѓовден и сите аспекти кои се однесуваат на неговото прославување, да влезат во светското културно наследство. Во периодот од 2014 до 2017 почна акцијата тој да стане дел од светското културно наследство. Беше пополнета регионална апликација во која прво влегоа 11, потоа шест земји, за на крајот, по советување од УНЕСКО, да направиме апликација со која се одбележува Х’едерлез и Едерлези како нематеријално културно наследство на турската и ромската заедница во Македонија. Горди сме на тоа што се влезени на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО како први каде што во фокусот се етнички заедници, а не главниот народ што живее во Македонија, истакна Петрова-Митевска.

Ѓурѓовден не е карактеристичен само за Македонија, туку и за регионот, а различните етникуми го одбележуваат на свој начин. Клучен елеменет, изјави Петрова-Митевска, е што тој претставува премин од зимата во пролетта, кога вегетацијата почнува да буи, кога се плоди стоката и се зголемува нејзиниот број.

Во времето на Отоманската империја ајдутите на Ѓурѓовден се собирале за борба и дома се враќале на Митровден, на прагот на зимата.

фото: МИА

You May Also Like