Промоција на романот „Резервен живот“ од Лидија Димковска

Промоцијата на романот „Резервен живот“ од Лидија Димковска, 68  наслов од едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или, ќе се одржи денеска (четврток, 18 октомври, 2012 година) во 20:00 часот во Менада. Романот ќе го промовираат Оливера Ќорвезировска и Гоце Смилевски.

Резервен живот е втор роман потпишан од Лидија Димковска, несомнено најсилниот творечки глас од генерацијата македонски писатели родени во седумдесеттите. Реткост е, не само кај нас, да се биде подеднакво успешен и во поезијата, и во прозата, но таа реткост е правило кај Димковска, правило кое го потврдува со секоја своја објава – таа е подеднакво моќна во своите пет поетски збирки (за чија вредност сведочат бројните избори објавени во странство, и неколкуте високи меѓународни признанија), како и во романот „Скриена камера“ (за кој ја доби наградата „Стале Попов“ и е преведен на неколку јазици).
——————————————-

Лидија Димковска (1971, Скопје). Завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Сега живее во Љубљана, Словенија, преведува романска и словенечка литература на македонски јазик и повремено предава „Светска книжевност“ на Факултетот по хуманистика на Универзитетот во Нова Горица.
Досега објавила пет поетски книги, и романот „Скриена камера“ (награда „Стале Попов“). Нејзините дела се преведени на англиски, германски, словенечки, полски, словачки, бугарски и романски јазик. Ја добила германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, а била номинирана и за германската награда „Берлински мост“. Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на книжевни резиденции ширум светот.

You May Also Like