„Мултиверзум“ – изложба на Симон Шемов во Даут пашин амам

На 27 септември 2023 година (среда), со почеток во 20 часот, ќе се отвори изложбата на Симон Шемов, во објектот Даут пашин амам, дел од Националната галерија на Македонија.

Во најновиот опус од речиси 400 дела, се издвојуваат „четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес). Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ad acta, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т. е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т. е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови“. (Ана Франговска)

„Предизвикот од детството на неговото сликарство, сè уште ја надразнува неговата истражувачка мисија, која почнува од една точка со туш, а до денес љубопитно ѕирка зад оградата, зад неговите Паравани, со трајна надеж дека еден ден истражувачкиот процес ќе го доведе до одговорот за вистината на постоењето на нас самите, на сите во неограничената космогонија. Истрагата продолжува, не е на повидок THE END. Шемов е вљубен во живиот свет. Тука е сосредоточена неговата неизмерлива тврдоглавост да го растајни опстанокот во целиот универзум, каков, колкав и каде и да е“. (Соња Абаџиева)

Изложбата ќе се отвори на 27 септември, во 20 часот, објект Даут-пашин амам и ќе трае до 27 ноември.
Куратор на проектот е Ана Франговска.

——————

 

На 1 декември 1941 година роден е Симон Шемов, во Кавадарци, денешна Република Македонија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности вo Белград (Србија), во 1964 г. Постдипломски студии посетувал на Академијата за ликовни уметности „Слејд“ при Лондонскиот универзитетски колеџ, В. Британија, во 1971/72 (Slade School of Fine Arts, London University College).

Од 1970 до 1981 г. предавал сликарство и цртеж на Архитектонскиот факултет, Скопје, а од 1981 г. предава сликарство, цртање, акт, рачна изработка на хартија (медиум целулоза) во својство на доцент, вонреден и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности (сликарски оддел) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во периодот 1993 – 1995 бил декан на Факултетот.

Во школската 1991/92 година, на Универзитетот на Северна Каролина, Гринзборо, САД (University of Nort Carolina, Greensboro) предавал по предметот Експериментална рачна изработка на хартија, во рамките на Фулбрајтовата програма.
Ликовни дисциплини што ги владее: освен цртежот, сликарството и творештвото со рачно изработената хартија (медиум целулоза), тој практикува: графика, мозаик, инсталација и ликовни интервенции.
Како гостин професор одржал поединечни предавања на: Институтот „Арт“ во Чикаго; на универзитетите во: Бостон, Ајова, Темпи, Санта Клара во САД (Art Institute Chicago; The Universities: Boston, Iowa, Tempe, Santa Clara – USA), Универзитетот за уметност „Мусашино“ во Токио, Јапонија (Musashino University, Tokyo – Japan), како и на Факултетот за ликовни уметности во Велико Трново – Бугарија.
Од 1993 до 1998 година го водел проектот „Типови целулозни влакна од билно потекло од Македонија“, за Министерството за наука на Македонија. Од 2000 до 2003 година работел како автор и координатор на проектите на програмите на УНЕСКО и Темпус. Проектот „Медиум целулоза“ при програмата Темпус е реализирана во соработка со Германија (Академијата за ликовни уметности, Нирнберг) и Италија (Интернационалната графичка школа, Венеција).
Добитник е на многу национални и интернационални награди за достигања во ликовната уметност.

You May Also Like