Локалните приказни треба да се раскажат на поуниверзален начин

Последниве неколку години, се забeлежува подобрување на квалитетот во филмската продукција на земјите од Југоисточна Европа. Забележителен е развој на филмскиот јазик и на нова филмска естетика. Потребно е јакнење на институционалната база и поддршка од државата за создавање квалитетна национална филмска продукција.

Ова го оценуваат Николај Никитин  и Бернд Будер селектори на 61. издание на Берлинскиот филмски фестивал, кои во изминативе три дена имаа можност во организација на Филмскиот фонд на Македонија да погледнат повеќе од 50 филмови од Македонија и од регионот во контекс на претселекција на тој фестивал.

Според нив може да се констатира и своевиден израз типичен за регионот, а она што недостига е користење на поуниверзален јазик при раскажување на локалните приказни.

– Во регионот има многу талентирани автори кои имаат приказни кои сакаат да ни ги раскажат. Битно е што тие сега се фокусираат на современи теми, а не само на теми за војната, вели Никитин.

Тие и со препорака да не се бега од комерцијалните филмови бидејќи придонесуваат за поттикнување на поголема гледаност и прибирање на повеќе пари, а со тоа и за создавање поголема продукција.

Двајцата селектори на претстојниот Берлински филмски фестивал имаа можност за време на престојот во Скопје да се запознаат и со режисерите и продуцентите од Македонија, како и со атмосферата која постои во оваа област.

Минатата година скринингот на регионалната филмска продукција за Берлинскиот филмски фестивал се одржа во Љубљана, а идната година нивен домаќин ќе биде националната филмска институција на Албанија.

Главната селекција за главната и придружните програми на 61. издание на Берлинскиот филмски  фестивалот ќе се случува во јануари, а фестивалот ќе се одржи од 10 до 20 февруари следната година.

You May Also Like