Во организација на Центарот за културен проток „Артерија“ во сабота (6-ти април 2013 година) во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ќе биде отворена изложбата „Женски Логор” од Дијана Богдановска од Тетово, со почеток во 20:30 часот.
Женски логор, логорот на смртта исто како и еден класичен затворенички логор, исклучок кој циркулира во областа на културата под железните завеси на политичкото поднебје. Се протолкува како метафора или буквално поистоветување во рамки на некој потесен контекст кој треба да е познат за примателот со цел истиот да биде правилно протолкуван, алузија кон одреден аспект, детектирање на одредената женска индивидуа во рамки на некоја категорија – категоријата работник-уметник. Формално гледано, подразбира проширена форма на гледиштето за „оставање простор“ на женскиот уметник, преку претставување на ваквиот проблем во рамки на традиционалната логика.
Ова усложнување во поединечни ситуации може да се рефлектира позитивно, додека во други – крајно негативно, доведувајќи го мислителот на работ од повеќе можни психолошки нарушувања и неврамнотежнувања, што е секако разбирливо согласно човековата (аксиолошка и секаква друга) „програмираност“ да биде насочена кон конечни и заокружени одговори на прашањата кои си ги поставува.
„Во овa дело ќе се обидеме да го дефинираме негативниот одраз на релоцирањето на женскиот уметник како фрустрација во современото општество, детереминанта која ја убива жената, привлекувајќи ја да стане зависна од ригиден однос спрема себе -неконтролирање и одржување на таа вечна обврска, да се биде дел од еден логор на смртта, геноцид на културата. Повеќе информации за оваа изложба и претходните настани на овој блог. Поради карактерот на изложбата истата ќе трае еден ден.“