Почина тивката дама на Македонскиот народен театар, Љупка Џундева…
На 84 годишна возраст, почина Љупка Џундева, чиј сензибилитет се опишува како „тивката дама на македонскиот театар“…
Љупка Арсова – Џундева (11 јули 1934 – 7 декември 2018, Скопје) — македонска театарска, филмска и телевизиска актерка. Во ансамблот на Драмата при Македонскиот народен театар Љупка Џундева се вработува во 1951 година. Припаѓа на генерацијата актери кои ја завршија Државната театарска школа во Скопје. Во овој театар работи до пензионирањето во 1990 година.
Добитник е на Наградата на градот Скопје „13 Ноември“, потоа на Наградата за артистичко остварување доделена од Југословенската радио-телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец.
Припаѓаше на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, со што се вклучи и во создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија.
Таа се вгради и во развојот на домашната кинематографија, низ незаборавната улога во филмот „ Мирно лето“ на Димитрије Османли.
Нејзината последна улога на сцената на МНТ, беше во 2015 година, во претставата „Вујко Вања“ од Чехов, во режија на Зоја Бузалковска.
Посмртните останки на Љупка Џундева ќе бидат изложени утре (сабота) од 11:30 до 12:30 часот во капелата на градските гробишта во Бутел, а потоа ќе се одржи погребот.
Македонскиот народен театар ќе одржи комеморација во вторник, на пладне.
фото: Вечер