IN MEMORIAM: Почина Ѓоко Николовски

Почина Ѓоко Николовски – виолинист и концерт мајстор во Македонската опера и балет (1927-2019).

Денес (1 март 2019) почина Ѓоко Николовски – виолинист и концерт мајстор во Македонската опера и балет. Виолинистот Ѓоко Николовски е роден на 14 август 1927 година во Битола.

Ѓоко Николовски бил највозрасниот активен музички уметник во нашата земја, што претставува раритет од пошироки рамки.

Во Операта и Балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање, каде го поминал целиот работен век до своето пензионирање. Работел како виолинист, а набрзо станува прв концерт-мајстор каде останал на тоа работно место повеќе од 30 години. Имал чест и привилегија да соработува со плејада светски диригенти, како што се: Ловро Матачиќ, Игор Маркиевиќ, Карло Цеки, Бенвенути Корадо, Теодор Вавајанис, Фабијан Севицки, Сергиу Челибидаке, Зубин Мехта, Клаудио Абадо и многу други.

Соработката со врвни светски диригенти придонела Ѓоко Николовски да стекне врвно уметничко искуство и огромен репертоар од областа на операта и балетот. Во неговата уметничка дејност посебно место зазема интензивното негување на камерната музика и се истакнува како водач на квинтетот на МОБ и многу други состави.

Посмртните останки ќе бидат изложени во недела од 11 до 12 часот, во капелата на гробиштата Бутел.

You May Also Like