Во годината на одбележување јубилеј – 70 години постоење Националната галерија на Македонија е институција-добитник на грант кој го доделува Амбасадата на Соединетите американски држави во Република Македонија од Федералната програма „Амбасадорски фонд на Соединетите американски држави за заштита на културата“ за 2018 година.
Проектот кој ја доби подршката носи наслов „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам, Скопје“.
На 31 октомври (среда), во Објектот Чифте амам, во 10:30 часот ќе се одржи прес на кој воедно и ќе се потпише Договор за доделување на грантот од страна на амбасадорот на Соединетите американски држави во Репбублика Македонија, Џес Бејли и министерот за култура на Република Македонија, господинот Асаф Адеми, а официјално ќе се обрати директорката на Национална галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими.
Доделувањето на грантот од Програмата „Амбасадорски фонд на Соединетите американски држави за заштита на културата“ за 2018 година (The U.S. Ambassadors Fund for Cultural Preservation 2018) претставува најголемо достигнување во менаџерската практика на Националната галерија на Македонија и обезбедување на небуџетски извор на средства. Ова е втор грант доделен од страна на Амбасадата на Соединетите американски држави во Република Македонија на оваа Институција, првиот грант беше доделен во 2010 година за реконструкција и изведба на дренажен канал на Даут пашиниот амам.
Проектот „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам, Скопје“ е изготвен во 2013 година, за истиот е издадено Конзерваторско одобрение за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, воведување на систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ- зрачење и оградување на културното добро.
Реализацијата е предвидена да се одвива приближно 18 месеци, а истата започна во јуни 2018 година, и се планира да заврши на крајот од 2019 година.
Истиот ќе се одвива во повеќе фази со финансиска партиципација на Министерството за култура во рамките на инвестициски проекти од буџетот на Министерството за 2018 година, во износ од 2.000.000 денари и со помош на средства од доделениот грант во висина од 91 илјада американски долари.
Чифте амам, објект кој претставува културно наследство под заштита на државата, кој во невремето во јуни 2017 година беше доведен во исклучителна опасност, целосно ќе биде заштитен. Со подршка на Министерството за култура одобрени се средства за промена на постојното и веќе е инсталирано ново галериско осветлување со најнова технологија, економски оправдана, со мала потрошувачка на електрична енергија, технологија која е „пријателска“ за изложените артефакти без штетни влијанија. За оваа инвестиција беа одвоени средства во висина од 1.665.000 денари.