„Господ постои, името ѝ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска е распродаден за кино дистрибуција на 28 територии низ целиот свет.
По огромниот успех на македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска на 69-тото издание на престижниот филмски фестивал Берлинале и освоените две награди (престижната наградата на Екуменското жири (Ecumenical Jury Award), и наградата на германскиот еснаф на независни киноприкажувачи (Guild Film Award), француската компанијата за продажба „Пирамид”, која ги откупи правата за продажба, успеа филмот, досега, да го пласира во 28 земји низ целиот свет.
Прикажувањето на филмот започнува во Франција од 1 Мај, па потоа Петрунија продолжува во кино дистрибуција низ целиот свет од Далечниот Исток во Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па во западна Европа Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија, до речиси секаде во соседството во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција.
Покрај овие, веќе потврдени земји, преговорите продолжуваат и за останатите земји кои изразија интерес, како САД, Германија, Мексико и други. Агентот за продажба „Пирамид” потенцира дека неверојатно добрите рекации на публиката во Берлин и добрите критики на светските критичари допринесоа за овој исклучително голем интерес од дистрибутерите, а пак голем дел од нив веќе го имаа откупено филмот и за време на самиот Берлински фестивал.
Тие продолжуваат со работа на пласманот на филмот со учество на најголеми филмски маркети и фестивали по нивен избор во наредниот период. Како исклучителен филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија” веќе е ексклузивен филм за отварање или затварање на низа фестивали. „Пирамид” исто така потенцира дека за секоја земја се потрудиле филмот да биде продаден на навистина добри дистибутерски куќи.
Филмот, исто така е продаден и на телевизиската куќа ХБО (HBO), која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кино дистрибуција.
Ваков успешен пробив во меѓународна кинодистрибуција на македонски филм е вистинска реткост, а самиот факт дека филмот ќе биде виден во огромен број на земји е неверојатен успех за македонската кинематографија.
Македонската публика е првата која ќе има можност да го погледне филмот во македонските кино сали. Започнувајќи од вчера (четврток, 14 март) „Господ постои, името ѝ е Петрунија” ќе почне да се прикажува во киното Cineplexx, со редовни проекции од 19.30 и 21.00 часот и свечената проекција во 20.00, а денес (петок, 15 март) во кино Милениум со премиера од 20.00 и реприза од 22.00 часот и наредните денови во редовниот кино репертоар.