Вечерва, (вторник, 07.02.2012 година) се отвора изложба на младиот уметник Валентина Илијевска, во галеријата на МКЦ со почеток во 20:00 часот.
Рецензија на творештвото
Вистинската доблест на еден уметник е во моќта на создавањето, во нега на душата, во продлабочување на мудроста и вистинитоста на убавото. Слободата при изразувањето е чин на независен процес и го потенцира индивидуалниот став во поимувањето на творечката активност.
Како плод од таквото спознание, Валентина Илијевска, дипломиран млад графичар, посветена на цртежот и сликарството, после повеќегодишна творечка активност на оваа изложба ни ја презентира сопствената комплексна интимна визија низ призма на спиритуален ликовен јазик. Тоа се видливи, аргументирани, многубројни лирски записи и симболи сочинувајќи ликовни контексти на имагинарни слики.
Тие се светови, артистички промислени..и низ исчитување на нивната лексика не воведува во доменот на преиспитувања, запрашаност за примордијалните почетоци, за смисолот на ”создавањето”.
Со тие средства ги интегрира; моќта на имагинацијата и митот за сонот, во еден елементарен визуелен модел, метафоричен и јасен.
Графичките форми се арабескно структурирани со транспонирани сегменти на емотивни бранувања најчесто експресивни и со гестуален ракопис отелотворени. Вплотени во една целина ни објективизираат јасен семантички запис или порака.
Следејќи го сеопфатно творечкиот развој на колешката Валентина започнат уште од студентските денови, како нејзин професор и ментор го препознавав и поттикнував нејзиниот приодот кон цртачката изразност, способноста да идејното го сведува, сублимира во пластични знаци кои суеверено го одбележуваат композицијското и просторно средиште.
Со оваа изложба Валентина ја демонстрира опитноста да во раскошна палета ни го прикаже светот на графичката уметност. Тој свет е прегледен и рамнотежен, а во него се обединети интересите за осознавање на есенцијалното во уметноста. Со демонстрирање на авторски осмислена естетика суштински го продлабочи сознанието за вистината на убавото со мистичната поврзаност на магичното пресоздавање.
Проф. Мирко Вујисиќ
Кратка биографија на Валентина Илијевска
Родена во Скопје 25. 07. 1987. Живее во Куманово, Република Македонија.
Едукација:
• 2002/2006 Завршено средно образование при ДСУПУ ,,Лазар Личеноски”-Скопје.
• 2006/2010 Дипломирана на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ)- Скопје.
• Оддел графика и графички техники во класата на проф. Мирко Вујисиќ со насока на конзервација и реставрација со проф. Невенка Величковска и Момчило Трајковски.
Изложби:
• Почетоци кои датираат од 2001 година со интернационални конкурси и групни изложби, започнувајќи со Мал Битолски Монтмартр, како и во останатите градови во државава како што се Куманово, Скопје, Тетово, Велес, Кавадарци итн. Потоа во градовите од Р.Србија, во Ниш, Књажевац, Белград, Земун каде што беше остварена самостојна мини изложба на графики во мал формат. Учество и на изложбите во Истанбул, Турција. Меѓу другото од истоимните изложби некои дури се и во тек.
Ликовни колонии:
• Почеток од 1998 со регионални ликовен карактер, па се до интернационални колонии, почнувајќи со Рацинови средби-Велес, потоа во Берово, Куманово, Кавадарци, како и во Р.Србија и во Полска.
Награди и дипломи:
• 1997-2002 година-Дипломи и пофалници од општински карактер во градот Куманово, како и сертификати и дипломи од 2002-2004 година, од интернационален карактер во градот Скопје.
Работно искуство:
• Конзервација и реставрација на мозаик, ѕидно сликарство и на икони.
• 2010-Национална установа за археологија – Стоби, Р.Македонија.
• 2010 / 2011 -Национален конзерваторски центар (НКЦ) Скопје,Р. Македонија.