Прес конференција на документарниот филм „Медена земја” („Honeyland”) ќе се одржи на 18 февруари 2019 г. (понеделник) со почеток во 10:30 часот, во „МКЦ клуб и ресторан”, Скопје.
Прес-конференцијата е по повод големиот успех на документарецот, кој е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, на годинашното издание на престижниот филмски фестивал „Санденс” („Sundance”) во Парк Сити, Јута, САД. Македонскиот филм „Медена земја” ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а снимателите Фејми Даут и Самир Љума беа наградени за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
На пресот ќе зборува тимот на „Медена земја” („Honeyland”), режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума. Свое обраќање ќе имаат и заменик-амбасадорот на Швајцарија во Република Македонија, Стефане Томажијан, и преставник на Агенцијата за филм на Република Македонија. Екипата ќе зборува за триумфот на „Медена земја” на „Санденс”, и ќе ги открие плановите за понатамошните активности и проекции на документарецот.
„Медена земја” раскажува приказна за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата, кога семејството на номадски пчелари се населува на нејзината земја и ѝ ја загрозува егзистенцијата. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа” и „Трис филмс”, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем”, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.