IN MEMORIAM: Почина академик Ратко Јанев

Почина Проф. д-р Ратко Јанев (1939-2019). Вчера во Белград почина проф.д-р Ратко Јанев, македонски атомски физичар и член на МАНУ.

Проф.д-р Ратко Јанев е роден на 30 март 1939, во Свети Врач (денес Сандански), Пиринскиот дел на Македонија. Гимназија завршил 1957 година во Скопје, а 1963 година дипломирал на Електротехничкиот факултет, група техничка физика на Универзитетот во Белград. Постдипломските студии ги завршил во 1965 година на Природно-математичкиот факултет и потоа се вработил во Институтот за нуклеарни науки “Борис Кидрич” во Винча. Од 1966 година до 1967 година се наоѓа на специјализација на Ленинградскиот државен универзитет, каде што работел на својата докторска дисертација “Процеси на електронскиот зафат во бавните атомски судири“ која ја одбранил 1968 година на Природно-математичкиот факултет во Белград.

Од 1981 година работи како научен советник во Институтот за нуклеарни науки “Борис Кидрич“ во Винча. Од 1969 година држи курсеви на постдипломските студии на ПМФ во Белград, отсек за теориска физика, а 1970-1973 година држел предавања по атомска физика на ПМФ во Скопје. Како професор-гостин држел предавања на повеќе европски и американски универзитети.

Д-р Ратко Јанев е професор со светски углед во областите на атомската и нуклеарната физика, член на МАНУ, професор и консултант на повеќе светски познати универзитети и институти. Има објавено голем број научни трудови во водечките меѓународни научни списанија. Со над 600 научни трудови во меѓународни списанија со импакт фактор (SCIndex ili IF) академик Ратко Јанев е еден од најпродуктивните физичари во втората половина на дваесеттиот век во светската физика. Проф. д-р Ратко Јанев бил на позиции во Нобеловиот комитет, како предалагач на кандидатите за Нобеловата награда за физика во осумдесеттите и деведесттите години на минатиот век и претставува еден од најцитираните физичари во областа на атомската физика. Проф. д-р Ратко Јанев е, мегу другото, и добитник на престижната Хумболтова награда за физика.

Неговата научна дејност се одвива, главно, во областа на општите и методолошките проблеми на квантната теорија на меѓучестичните заемни дејствувања, теоријата на заемните дејствувања и судирните процеси меѓу атомските честички, кинетичките и транспортните процеси во јонизираните средини, физиката на заемното дејствување и судирните процеси меѓу атомските честички и површината на цврстите тела, физиката на гасните ласери и физиката на контролираната термојадрена фузија. Покрај ова, неговиот научен интерес е насочен и кон некои специјални проблеми во астрoфизиката, физиката на јоносферата, на тешките јони, на јонските извори и друго.

Проф.д-р Ратко Јанев има објавено трудови во различни полиња од модерната физика, од кои најзначајни се од областа на атомските заемни дејствувања и судирните процеси, заемните дејствувања и судирните процеси на атомските честички во цврсти површини, физиката на јонизираните гасови, гасните ласери и контролираната термојадрена фузија. Активно соработува со Скопскиот универзитет “Свети Кирил и Методиј” и со МАНУ и неговиот придонес за развојот на науката во Македонија е исклучително забележителен. За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во октомври 1988 година.

Проф.д-р Ратко Јанев бил претставник на Република Македонија во Мегународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена, Австрија, и прв меѓународен функционер во меѓународните установи во системот на ОН од Македонија, по осомостојувањето на Република Македонија. Проф.д-р Ратко Јанев во 1993 година помогна во процесот на зачленувањето на Македонија во Мегународната Агенција за атомска енергија.

Ги објавил следните книги: (1) Ратко К. Јанев, Љубо А. Петковски, Атомска физика, Македонска Академија на науките и уметностите, Скопје, 2012, (2) Collision Processes of Hydrocarbon Species in Hydrogen Plasmas, (3) Physics of highly charged ions, (4) Atomic and molecular processes in fusion, и (5) Atomic and plasma material interaction.

Сочувство и до неговиот син проф.д-р Игор Јанев.

You May Also Like