Тоска повторно на сцената на МОБ

Викендов (недела, 25.03.2012) со почеток во 20:00 часот на големата сцена во МОБ ќе се изведе операта „Тоска“ од Пучини.  Во насловната улога ќе настапи нашата оперска примадона Весна Ѓиновска-Илкова, а како нејзин партнер во улогата на Каварадоси ќе настапи гостинот од Италија – Леонардо Грамења. Марјан Јовановски е во улогата на Скарпија и Ернес Ибраимовски во улогата на Анџелоти.

Оваа претстава е посебно интересна бидејќи нашата оперска примадона Весна Ѓиновска Илкова го одбележува својот 15-годишен јубилеј на уметничка дејност.  Диригент е Алесандро Д’Агостини од Италија, режисер е Огњан Драганов од Бугарија, сценограф Зоран Николовски и костимограф Марија Пупучевска.  Настапува хорот и оркестарот на МОБ.

„Тоска“ е лоцирана низ монументелни цркви и пикторални палати во Рим за време на Наполеон. Сензуалните мелодии на Пучини нема да ве остават рамнодушни се до завршницата на операта.

————————————————————————–

Леонардо Грамења

Студирал на конзерваториумот Пичини во Бари и на Академијата Артуро Тосканини во Парма, дебитирал во „Хугенот“ на Мајербиер на „Festival della Valle d’Itria di Martina Franca“, а се појавува во “Просерпина” на Паизиело и во „Салватор Роса“ на Гомес. Ја одигра улогата на Херод во „Салома“ на Ричард Штраус, а ги има отпеано главните улоги, помеѓу другите, во „Набуко“ и „Травијата“ на Верди,  во „Мадам Батрфлај“ и „Тоска“ на Пучини и во „Лучија ди Ламермур“ на Донизети. Се има појавено во водечките оперски куќи низ Италија, на фестивали и концертни сали.

 

Алесандро Д’Агостини, диригент.

Роден во 1974 година. Музичкото образование го започнува на пет годишна возраст, за да дипломира пијано, диригирање и електронска музика. Се усовршува на Академијата Киџана во Сиена со Џорџо Нотоли во композиција на електронска музика и со Константин Богино, Трио Чајковски (пијано и камерна музика). Оркестарско диригирање го изучува со Густав Кун, Пјеро Белуџи и Масимо де Бернарт, на кој му беше и последен асистент.

Покрај диригирањето, работи и на музичко истражување, особено на опери од барокниот период. Покрај оперските продукции, Алесандро Д‘Агостини диригира и бројни симфониски концерти со: Симфонискиот Оркестар на Емилија Ромања „А. Тосканини“, Филхармонискиот Оркестар „А. Тосканини“, Оркестарот „Помериџи Музикали“ од Милано, Венетскиот Филхармониски Оркестар „Џ. Ф. Малпјеро“, Италијанскиот Филхармониски Оркестар од Пјаченца, Македонската Филхармонија, Симфонискиот Оркестар на Националниот театар од Тирана.

Во 2007 г. ја диригира првата изведба на операта „Аида“ од Џ. Верди во Албанија, и тоа во Националната Опера на Тирана, со особен личен успех. Во 2008 г. дебитира во Операта на Болоња, диригирајќи ја модерната праизведба, со сопствена ревизија, на операта „Олимпијада“ од Леонардо Лео. Истата година дебитира и во Римската Опера, и тоа во летната сезона на овој театар која се одржува во „Терме ди Каракала“ во Рим, диригирајќи го балетот „Жизел“ од Адолф Адам.

Весна Ѓиновска Илкова

Од својата осумгодишна возраст започнува со изучување на музиката во нижото музичко училиште “Илија Николовски – Луј”, свирејќи виолончело во класата на проф. Димче Стојановски. По препорака на тенорот Симеон Гугуловски,во 1986 година влегува во класата на проф. Милка Ефтимова, отсек соло – пеење, и во наредните 4 години остварува завидни резултати и настапи на државни натпревари.

Во 1990 година се запишува на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класата на нејзиниот професор  Милка Ефтимова. Во 1992 година настапува на натпреварот “Томе Грнчаровски”, во склоп на „МОВ“ каде е издвоена и започнува со работа на улоги во оперското студио на проф. Ф.Муратовски и П.Лековски при Факултетот за музички уметности – Скопје. Во 1994 година дипломира и заминува на усовршување во Софија каде работи со Караскакова, а подоцна со пијанистот Чернева.

На сцената на МОБ дебитира во 1996 година во улогата на Микаела, а истата година е финалист на натпреварот “Борис Христов” и дебитира во улогата на Елизабета во операта “Дон Карло”.Од тогаш започнува нејзината меѓународна кариера.Соработува со агенцијата “АТЛАНТИКОПЕРА ХАУС” на г.Госта Шварк и со нив патува на турнеи во Данска со улогата Аида (15 представи), во Шпанија со улогата Тоска (10 представи), во Италија со улогата Сантуца и Дона Леонора.

Во 2002 година со Словенечката филхармонија ја работи улогата на Дездемона. Во март истата година го има својот самостоен концерт со Радмила Бакочевиќ и Симон Трпчевски како гости.

Во 2007 година ги завршува магистерските студии кај проф.Р.Бакочевиќ со улогата на Батерфлај, а подоцна ја пее улогата Аида со Сава Центар со белградската опера под диригентската палка на маестро Лапинш. Истата година станува доцент на Факултетот за музичка уметност – Скопје на катедрата по соло пеење.

Добитник е на бројни награди од кои се издвојуваат: 13 Ноември (2002), Златна лира (2009), Борис Христов (2001), Ханс Габор Белведере (1996, 1998), Личност на годината (2005), Амбасадор на Стопанска комора (2006).

Настапува со реномирани диригенти: Карло Дон Адио – Римска опера, Лапинш – Галина Вишневскаја театар, Павле Дишпаљ, Нада Матошевиќ (Хрватска), Дејан Савиќ (Србија), Лајовиц (Словенија), Лорис Волтолини (Италија).

You May Also Like