Проекции на чешки филмови во Кинотека на Македонија

Почнувајќи од сабота (18-ти декември), во Кинотеката на Македонија започнува циклусот Современ чешки филм. На програмата ќе може да се проследат:

1.Граѓанинот Хавел (18.12.2010)

Документарен филм во режија на Мирослав Јанек и Павел Кутецки. Улогите ги толкуваат: Вацлав Хавел, во филмот се појавуваат и Бил Клинтон, Жак Ширак, Медлин Олбрајт, Ролинг Стоунс и многу личности од политичкиот и јавниот живот на Чешка.

Документарен филм за приватните моменти и неофицијалните комуникации на поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел. Настаните прикажани во филмот се снимани во текот на 13 години, и материјалот дава нов поглед на случувањата зад сцената во меѓународната политика и почетокот на 21 век, како и на настаните во пост – тоталитарните земји и нивната транзиција во демократија.
2.Кој се плаши од волкот? (19.12.2010)

Игран филм во режија и сценарио на Мариа Прохазкова, директор на фотографија: Мартин Степанек, улогите ги толкуваат Дорота Дедикова, Јитка Цванцарова, Павел Рзничек, Мартин Хофман, Јана Краусова.

Семејството на едно мало девојче ќе се соочи со криза кога ќе се појави поранешниот љубовник на мајката и бара од неа да замине со него. Малата Терезка живее делумно во светот на фантазијата, обземена со приказната за Црвенкапа и затоа возрасните околу неа мислат дека таа не разбира што точно се случува со нив. Истовремено, Терезка се бори со прифаќањето на идејата дека човекот што го сака како родител, всушност не е нејзин биолошки татко и може да исчезне од нејзиниот живот.

3.Ноќни птици (20.12.2010)

Игран филм во режија на Михаела Павлатова, сценарио: Ирена Хејдова, Михаела Мавлатова, директор на фотографија: Мартин Штрба, улоги: Марта Исова, Јиржи Мадл, Јан Долански, Кристина Новакова, Ленка Термерова.

Откако момчето неочекувано ќе ја напушти и ќе замине со нејзината најдобра пријателка, 19-годишната Офка почнува да размислува што навистина е битно во животот. Работи ноќна смена во продавница и има можност да среќава најразлични личности. Една ноќ, нејзината продавница ќе биде ограбена и тоа сосем ќе ја разбуди до летаргијата во која западнала по љубовното разочарување.

4.Грозје (21.12.2010)

Игран филм во режија и сценарио на Томаш Барина,  директор на фотографија: Мартин Прејс, улоги: Кжиштов Хадек, Лукас Лангмајер, Лубомир Липски, Тереза Воришкова, Мариан Роден.

Летна комедија за двајца пријатели, Хонза и Жирка, кои живеат како измамници. Провалуваат во станови и автомобили, со доста шарм мамејќи припаднички на понежниот пол. Еден ден, Хонза дознава дека неговиот дедо, сопственик на лозје во Моравија, е на смртната постела. Двајцата се упатуваат во провинцијата, со цел да извлечат корист од новонастанатата ситуација, надевајќи се дека и таму ќе можат да продолжат со лесниот живот и кражбите.

5.Тобрук (22.12.2010)

Игран филм, сценарио и режија на Вацлав Мархул, улогите ги толкуваат Јан Медуна, Петр Ванек, Роберт Небренски, Кжиштоф Римски, Мартин Нахалка.

Филм за познатата битка за Тобрук, северно либискиот град кој во 1941 година беше опседнат од германските и италијанските војски. Меѓу сојузничките сили што го бранат градот е и 11-от Чешки пешадиски баталјон. Војниците се млади, многумина од нив имаат идеалистички и наивни претстави за хероизмот и војната кои бргу се менуваат под притисок на суровиот пекол на африканската пустина.

You May Also Like