Годинашен хит на фестивалот „Браќа Манаки“, покрај Главната програма, која ги има своите редовни и ревносни гледачи, убедливо се македонските филмови и детската програма. На сите термини Големата и Малата сала се полни.
Гостите на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ – Битола деновиве ги посетија: Галеријата на икони, Св. Богородица Перивлепта, Св. Софија и амфитеатарот во Охрид
Воодушевени од прекрасниот град и од легендарното Езеро, уживаа во денот, во ручекот покрај Охридското Езеро. Иконите предизвикаа вистински восхит меѓу бројните странски посетители кои дадоа пофални коментари и за гостопримството, кое, покрај филмска програма, стануваат препознатлив белег на Фестивалот.
Бројот на гостите и на настаните се зголемува од ден во ден. Моментално пристигнуваат бројни делегати од асоцијации на кинематографери од Австрија, Бугарија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Унгарија и Македонија за Првата балканска конференција на директори на фотографија која се организира во партнерство со ИМАГО – Европската федерација на кинематографери. Во Битола простигнува и Алан Пајпер,координатор на РЕД дигитално кино за Европа, компанија која е одговорна за концепцијата и производството на револуционерната 4К РЕД камера за дигитално кино.
Темата на конференцијата е влијанието на глобализацијата и на брзиот технолошки развој на културните политики од земјите во Југоисточна Европа. Како што вели Најџел Волтерс, претседателот на ИМАГО, тоа е историска конференција на која ќе се дискутира за битни прашања кои сè повеќе ги засегаат кинематограферите посебно во филмската индустрија во регионот.
На конференцијата ќе присуствува и Лучано Товоли, годинашниот добитник на престижната награда „Златна камера 300“, кој, според г-динот Волтерс, покрај незаборавното кинематограферско творештво е и инспирација за основањето на ИМАГО пред 20 години.Конференцијата ќе ја модерира г-динот Волтерс и Томи Салковски, претседателот на Македонското друштво на кинематографери, кое исто така помогна во целосната организација.
Лабина Митевска, директорката на фестивалот, денеска традиционално ќе го посети и гробот на Милтон Манаки на Влашките гробишта во Битола, да му оддаде почит на првиот филмски снимател на Балканот.