Директорoт на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими е еден од добитниците на наградата „13 Ноември“ . Таа наградата ја добива за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.
Старова Ќерими во изминатите 4 години е директор на Националната галерија на Македонија, во кој период се организираа бројни изложби, проекти во сферата на едукација на најмладите и ранливите категории, како и значајни зафати во заштитата на сите објекти кои се во владение на Институцијата, а пред се двата кои се споменици на културата со посебна заштита, Даут пашиниот амам и Чифте амамот.
Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.
Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Исто така, Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Градот Скопје.
фото: Денис Јагџи