Со изведба на фрагменти од повеќе претстави од репертоарот на Македонскиот народен театар, денеска (петок, 31 мај 2013 година) свечено беше примопредаден објектот „Стар театар“.
Станува збор за современ театарски простор во кој ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси.
На свеченоста на која присуствуваа министри, пратеници, поглавари на верски заедници, актери, уметници, градоначалници и претставници на бизнис-заедницата се обратија претседателот на Владата на РМ, Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канчевска – Милевска, директорот на МНТ Дејан Лилиќ и театрологот Јелена Лужина.
Груевски во обраќањето пред присутните рече дека денешниот датум ќе остане со златни букви да се бележи во поновата културна историја на Република Македонија. Тој посочи дека како предисторија на овој датум ќе се споменуваат разни историски етапи во кои како на филмска лента се градеше театарската уметност во Скопје и воопшто во Македонија.
– Денеска пред нас имаме завршено реализирано дело, зборот е исполнет. Република Македонија доби врвна репрезентативна уметничка зграда која ќе биде нов препознатлив симбол на Скопје. Објектот целосно ги надминува рамките на воспоставениот театарски образец и претставува своевиден музеј, рече Груевски, истакнувајќи дека МНТ конечно го доби својот нов дом. Тој и се заблагодари на министерката Канческа-Милевска, која, како што рече, „вложи многу време, енергија, труд, за ова да изгледа денес вака“. Министерката Канческа-Милевска истакна дека Шекспировиот Хамлет исповедал дека театарот е огледало во кое најдобро и најточно се гледаме сите ние и светот околу нас.
– Долгото патување до оваа голема и остварена цел го започнаа луѓето чии што имиња засекогаш ќе бидат запаметени во нашата историја: Војдан Чернодрински, Петре Прличко, Илија Џувалековски, Мери Бошкова, Ана Липша Тофовиќ, Тодор Скаловски, Натка Пенушлиска, Васил Иљовски, Коле Чашуле, Ѓорѓи и Кирил Македонски, Тома Владимирски и многу други…нивните соништа и нивните дострели не обврзаа да ја оствариме оваа наша голема мисија но, и да го развиваме и натаму македонскиот театар онака како што тие го замислуваа…право кон ѕвездите, рече Канческа-Милевска. Таа додаде дека од огромна важност е што нашите македонски театарски уметници по долги години поминати во импровизирани објекти од денеска ќе живеат и творат согласно највисоките светски стандарди, и ќе создаваат уште поголеми театарски остварувања.
На отворањето на објектот „Стар театар“ беше промовиран и Музејот на МНТ кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.