Неизложени дела од Личеноски во Даут пашин амам

Вечерва, (понеделник, 5 септември 2011 година) со почеток  во 19:00 часот, во Националната галерија на Македонија (објектот Даут-пашин амам) ќе се отвори изложбата  „Неизложени дела од доајенот на македонската современа уметност Лазар Личеноски“.

Националната галерија на Македонија, во годината кога  одбележуваме 110 години од раѓањето на големиот македонски сликар Лазар Личеноски и  славењето на 8 септември Денот на независноста на Република Македонија, ќе ја отвори Изложбата на Лазар Личеноски (слики, мозаици и зграфито), со голем број творби, досега не изложени во јавноста.

На изложбата ќе биде претставен  вториот значаен дел од збирката – донација од семејството Личеноски на Националната галерија на Македонија.

Лазар Личеноски е најпознат и најдобар во неговите пејзажи и предели со куќи и со една насоченост кон народниот амбиент, етнографските и етнолошките мотиви. Покрај сликарството Личеноски се занимавал и со други ликовни дисциплини: фреско, иконо – сликарство, мозаик, таписерија, зграфито. Најдобри остварувања постигнува во техниката на мозаикот, и се смета за основач на современата мозаична техника во Македонија.

Лазар Личеноски отсекогаш имал посебна наклоност кон каменот, овој благороден материјал. Сакал да го набљудува,  во вајарските и архитектонските дела , во природата, а најповеќе да го допре со своите раце, да го обработи со посебно вродено чуство за пластика. Љубовта за овој благороден материјал и неговото особено чувство за боја се споиле на извонреден начин  кај авторот , во дел во кој нашол посебен уметнички израз, во мозаикот од камен , како некои ја нарекуваат вечна уметност. Каменчиња во разни бои собирал заедно со сопругата Зое на крајбрежјта од реките, езерата и морето, а најповеќе од Охридското езеро.

Благородниот карактер на Личеноски и неговата љубов кон родната земја Македонија,  за него секогаш беа инспиративни и стимулативни на свој начин. Со својот специфичен ликовен израз, ликовниот уметник Лазар Личеноски придонесе многу во креирањето  на првите контури на современиот ликовен јазик кај нас.

You May Also Like