Првата двојазична англиско-македонската збирка на мисли „Endless mind“ – „Бескраен ум“ на Ана Костовска постојано е застапена на културни настани.
„Бескраен ум“ е прирачник кој се состои од мудри пораки што повикуваат на почитување на моралните вредности и поттикнуваат на човечност. Книгата има за цел да не потсетува дека и во овие модерни времиња, она што е најважно е да останеме луѓе. Мислите тематски се разнородни, а заедно се сплотени во една целина.
Оваа збирка е во сопствено издание, а воедно и прво творечко дело на писателката Ана Костовска. Таа е родена 1983 година. Костовска е дипломиран економист, магистер по менаџмент. Постдипломските студии ги завршила во Флорида, САД на Интернационалниот универзитет Шилер, каде ја добила наградата Нил Армстронг за најдобри академски остварувања. Работи како консултант, предавач и специјалист за човечки ресурси во менаџмент едукативен центар.
Оваа книга првпат беше промовирана во ноември 2010 година во кафе-книжарница „Ли“ во Скопје. Како резултат на интересот на читателите, потоа беа организирани уште неколку настани за потпишување на книгата во повеќе локали. Во април годинава, „Бескраен ум“ беше дел од мултимедијалниот проект „Преплетената магичност низ зборот, светлината и звукот“ организиран од водителот и промоторот на книгата, поетесата Љерка Тот Наумова во Домот на култура „Кочо Рацин“.
Во август годинава беше организиран викенд на потпишување на „Бескраен ум“ во Охрид. Авторката Ана Костовска ја потпишуваше книгата на плоштадот, во чаршијата, како и на плажите за македонските и за странските туристи. Последното збиднување на книгата беше артистичкото доживување на мислите од „Бескраен ум“ организирано во Кафе- галерија 8, Безистен.
(преземено од МРТ)