НГМ изложува во НР Кина

Во организација на Националната галерија на Македонија, на 16 ноември 2011 (среда), во 17:00 часот, во Беижинг Џин Таи Арт Мусеум во Пекинг,  НР Кина ќе биде отворена изложба на уметницата Гордана Вренцоска со наслов “Македонски фолклор“ во склоп на Деновите на македонската култура во НР Кина.

На изложбата ќе бидат прикажани фотографии, објекти, слики и графики, создадени во процесот на истражување, „разоткривање“, и „прочистување“ на актуелната македонска фолклорна естетика. Овој проект ги покренува прашањата за себеидентификацијата или „припадноста“ на одредено поднебје, етникум, нација, традиција, како клучни прашања што си го одредува секоја индивидуа независно, но во исто време ги разгледува и проблемите на вулгаризацијата и квази–негувањето на фолклорните традиции.

Гордана Вренцоска со својот проект Македонски фолклор коментира, констатира и реагира. Нејзиниот ангажман што влегува и во доменот на ликовното и во доменот на дизајнот, мошне инвентивно испреплетувајќи ги за да создаде една визуелна сензација чија концепциска актуелност релевантно проникнува во суштината на зададениот дискурс, нуди емпириски, естетски напоени солуции за потврдување на себеидентификувачкиот именител како одбележје на една горда, но доволно самосвесна и самокритична индивидуа.

Оваа изложба во март 2011 година беше поставена во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица.

Изложбата ќе ја отворат министерката за култура на Република Македонија г-ѓа Елизабета Канческа Милевска и државниот секретар за култура на Народна Република Кина.

Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија, а истата ќе биде отворена до 19 ноември 2011 година

You May Also Like