Македонскиот фолклор во Кина

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамките на првата официјална посета на НР Кина денеска (среда, 16 ноември 2011 година) во Пекинг оствари билатерална средба со министерот за култура и спорт на НР Кина, Чаи Ву.

На средбата двајцата министри, во присуство на македонскиот амбасадор во НР Кина Оливер Шамбевски, ги реафирмираа добрите културни врски што постојат меѓу двете земји и ги истакнаа заедничките заложби за интензивирање на истите. Како дел од средбата, двајцата министри за култура ја потпишаа Програмата за културна соработка за периодот 2012-2017 година.

По средбата, за медиумите кинескиот министер за култура, Чаи Ву изјави дека потпишувањето на оваа извршна програма претставува силна иницијатива за  создавање на уште поинтензивни културни врски меѓу двете земји. Тој го изрази своето задоволство од фактот што голем број на кинески уметници се претставуваат на фестивалите во Македонија, но додаде дека преку оваа програма ќе се интензивира и бројот на македонските уметници кои ќе се претстават во оваа земја.

Во рамките на посетата на Пекинг, која е прва официјална посета на еден министер за култура од нашата земја, Елизабета Канческа-Милевска денеска посети повеќе културни институции, меѓу кои и Националниот центар за сценски уметности, кинескиот Национален музеј, а беше реализирана и средба со директорот на Државната администрација за радио, филм и телевизија, Џанг Пи Минг.

На средбата беше побарано во рамките на Кинеското интернационално радио да се отвори радио на македонски јазик, беше договорена биенална размена на македонски и кинески филмови од двете земји, а беа истакнати и заедничките заложби за поголемо учество на кинески филмови на македонските фестивали, но и презентација на македонски филмови во рамките на Филмските фестивали во Пекинг и Шангај.

На средбата помеѓу министерката за култура и директорот на Државната администрација за радио, филм и телевизија беше иницирана и рамена на искуства, знаење и персонал помеѓу Кинеската национална телевизија и Македонската радио телевизија. Потпишувањето на Програмата за културна соработа со Кина е проследено со реализацијата на манифестацијата „Македонскиот фолклор во Кина“ која за прв пат се организира во оваа земја.

Во рамките на овој настан, денеска (среда, 16 ноември) во реномираниот музеј „Џинтаи“ во Пекинг, најголем од областа на фолклорот, манифестацијата беше отворена со изложбата „Македонски фолклор“ на Гордана Вренцоска. На отворањето на изложбата на која присуствува многу гости и претставници на дипломатски кор, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека културните настани со кои се претставуваме се израз на длабока благодарност  за големите залагања на кинеската Влада за продлабочување и промовирање на односите со Република Македонија.

Утре (четврток, 17 ноември) во еминентната концертна сала „Century“, каде што во моментов се прикажува најскапата кинеска продукција со мјузиклот „Мама миа“, концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Ансамблот „Танец“ за кинеската публика ќе одржи уште еден концерт, и тоа во крајбрежниот и туристички град Далиан.

You May Also Like