За културата, за платите, за синдикатите…

Каква е културата, такво е и општеството. Доколку културата е на високо ниво, и самото општество има високи стандарди и критериуми во останатите сфери на општественото живеење. За жал, ние одамна ги изгубивме и уништивме стандардите, а тоа е најмногу затоа што неретко културата ја водеа „мешетари“ од втор план, ставајќи им сопка на професионалците, идеалистите и сите оние кои себеси се вложиле во своето работење.

Да бидеме реални, од сите општествени ресори, културата, заедно со образованието и науката, ги има најшироките умови, визионерите, интелектуалците. Со цела должна почит кон професионалците во своите области, како здравствените работници, инженерите и другите стручни лица, но „културњаците“ се оние кои ги прават општествените поместувања.

Многу фама се крена за колективниот договор кој пред околу 3 години се носеше. Новоформираниот тогаш синдикат за култура, доби целосна поддршка од сите, за да нешто се смени и се направи, да културата стапне на цврсто тло.
Дали тоа се доби? Апсолутно не! Само направи еден куп фаци да се обидат да се етаблираат како фактор, а створи бес и лутина, и креира драматична поделеност. Зошто? Заради неправдата.

За почеток да објасниме, има три категории на вработени. Администрација, кои се државни службеници и се под еден закон, помошно технички персонал, како втора група, и носителите на дејност кои се даватели на услуги, како трета.
Администрацијата беше најмногу засегната, затоа што не само што дел воопшто не добија покачување на плати, имаше состојба каде се случија и намалувања на плати, па вработени се влечеа по судови.

Најмногу добија помошно техничкиот персонал, кои од навистина мали и ниски плати од 10.000 до 12.000 денари, дојдоа до речиси дупло. Кај носителите на дејност во музејската дејност исто така де добија значајни покачувања, стимули и работни мотивации, иако според мене има отсуство на контролни механизми за оние пак кои апсолутно ништо не работат.

И на крај доаѓаат оние кои извисија. Оние на кои институционалните бирократи, затоа со себични поединци ги исфрлија од игра и забетонираа на исти плати повеќе од 10 години. Еве ќе земам еден пример, за кој јас и една група на колеги сме лични засегнати, а сме игнорирани.

Пред неколку години, се правеа стандардизирања на звањата. Категоријата на ликовни соработници и категоријата дизајнери, се пренесоа во категоријата на „стручни соработници за дизајн, архитектура и визуелни уметности“. На ова звање има и пониско звање „соработник за дизајн, архитектура и визуелни уметности“, кое е и за лица и со средна стручна спрема. Вакви лица вработени во државата има вкупно 8-9. Само во мојата институција, тие се 5. Од тие петмина, само еден доби звање стручен, сите останати на некој начин сме деградирани на ниво на обични соработници, земајќи во предвид дека пред повеќе од 10 години кога сме вработени на јавен конкурс, сите бевме вработени со високо образование. Дали има смисла, високо образуван кадар, кој е носител на дејност во една институција, да зема иста или помала плата (со се трудот за викенд) со лицата од техничката служба?!

Џабе беа цели изминати две три години апелите до синдикатот. Истиот својата преговарачка вина и незалагањето, го префрлаше на директорите на Институциите дека треба да ни дадат унапредување во стручен, што во основа нема врска со основното ниско ниво (коефициент кои тие го испреговарале) на плата, затоа што унапредување се добива со стаж и со заслуги за работење. Проблемот е нискиот коефициент и своевидната деградација. Секако, и можноста за унапредување, еве после две години ја нема како решение да ни се санира направената штета.

Јас лично и јавно на телевизија се обратив и до тогашната министерка Стефоска, а по писмен пат и до неа и до самото министерство сите заедно, преку архивата. Од тогаш помина година и нешто, Министерката ја сменија, таа се пофали дека многу сработила, и благодариме за почитта и за тоа што не успеа да не удостои ниту со одговор.

Слушнав дека актуелната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска ќе имала средба со Синдикатот за култура во петок. Мислам дека за промена е убаво да се отвори за комуникација и со не така мал број на оние кои овој синдикат не го признаваат (после се што НЕ направија за нас). Убаво беше, кога прави посета на Институциите, покрај со Директорите на истите, да поразговара и со дел од вработените. Не за друго, туку затоа што праксата покажува дека неретко самите министри се вакумирани од страна на нивните кабинети (тоа беше случајот со последната министерка, а и неколкуте нејзини претходници кои според мене паднаа пред се ради лошите тимови околу нив).

Короната направи многу штета на културата во Македонија. Овие две години некои лежеа и не мрднаа со прст, а лапаа плати кои со ништо не ги заслужуваат, други трудољубиво и одговорно работеа цело време во континуитет, а тонеа финансиски. Време е да се види и кој и што сработува и придонесува.

Во моите колумни постојано пишувам за општествени теми, состојбите во државата, за се она што обичниот човек го засега. Ова е прва колумна која ме засега мене лично, и група вредни и посветени стручни лица во областа на културата, носители на дејноста, шутнати настрана, ради нечиј каприц и немарност, а заборавени од системот, затоа што им се небитни како бројка.

Александар Ристевски

 

извор: Курир.мк

You May Also Like