Крај-пат на Игор Анѓелков во издание на Или-Или

Писателот Игор Анѓелков го издаде својот роман – првенец, насловен „Крај – пат“, во издание на издавачката куќа Или – Или, која оваа година слави 8 години од своето постоење.

По дебитантското остварување од 2006 година, со збирката раскази “Кротки приказни”, исто така во издание на Или – Или, која наиде на одличен прием кај домашните читатели, Анѓелков реши да влезе и во романсиерските води со својот прв роман со интересен наслов, “Крај – пат”, и поднаслов “off the road приказна”.

Дејствието во романот е сместено во предградието на велеградот, тука, во нашата околина, во време кога сите сме дел од ‘глобалното село’. Така, авторот пишувајќи локална, истовремено создава и универзална приказна. Ликовите се дел од едно семејство, кое делумно ги прифаќа новините кои ги налага модерното живеење, но сепак, тие повеќе се вљубени во некои поинакви, малку подзаборавени вредности, кои едноставно човекот го прават човек.

Низ одлично водење на нарацијата во текот на сите страници, приказната нуди еден сосема нов и свеж поглед врз нашето секојдневие, обременето со премногу информации, бивствување кое сепак ги содржи оние мали нешта и ликови кои во себе кријат прекрасни животни стории.. Портретирањето на ликовите е со минимални јазични средства, но токму таквата постапка, таквиот раскажувачки стил тивко се наметнува и ве остава без здив.

Игор Анѓелков е автор и на следниве дела “Четири” 1996 година, колекцијата “Графити” – Темплум, 2005. “Кротки приказни” во издание на Или – Или, 2006 и официјално е неговата прва збирка со раскази и „Семафор“ кој беше преведен и објавен во антологијата на современ македонски расказ во хрватското списание “Књижевна ревија”. Неговото дело „Крај – пат“ е негов прв роман.

Александра Овчарска

You May Also Like