Канческа-Милевска во работна посета на НР Кина

Во периодот од 15 до 19 ноември министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска ќе оствари службена посета на Пекинг, НР Кина. Заради интензивирање на културните врски меѓу двете земји, Канческа-Милевска на 16 ноември ќе оствари билатерална средба со кинескиот министер за култура Чаи Ву.

На средбата двајцата министри ќе разговараат за досегашнатаm соработка во областа на културата, но и за идните активности преку кои ќе се продлабочуваат контактите меѓу двете земји. На средбата е предвидено и потпишување на Програма за културна соработка за периодот 2012-2017 година.

Соработката во областа на културата меѓу Република Македонија и Народна Република Кина има свој континуитет и традиција, а потпишувањето на новата Извршна програма за соработка во областа на културата ќе претставува реална основа за создавање услови за уште поинтензивни културни врски меѓу двете земји.

Во рамките на посетата на Пекинг, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ќе посети повеќе културни институции, меѓу кои и Националниот центар за сценски уметности, кинескиот Национален музеј, а е предвидена средба со претседателот на Асоцијацијата на ликовни уметници на НР Кина.

Потпишувањето на Програмата за културна соработа со Кина ќе биде проследено со реализација на манифестацијата „Македонскиот фолклор во Кина“. Во рамките на овој настан, кој претставува убава можност за кинескиот народ да се запознае со сегменти од македонската култура, ќе бидат прикажани две содржини од репрезентативното фолкорно и уметничко творештво што е карактеристично за нашата земја.

На 16 ноември во реномираниот музеј „Џинтаи“ во Пекинг, најголем од областа на фолклорот, манифестацијата ќе биде отворена со изложбата „Македонски фолклор“ на Гордана Вренцоска, на која ќе бидат прикажани фотографии, објекти, слики и графики создадени во процесот на истражување на актуелната македонска фолклорна естетика.

Изложбата, што ќе ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ќе биде проследена со ревија на традиционални носии од Република Македонија. На 17 ноември во еминентната концертна сала „Century“, каде што во моментов се прикажува најскапата кинеска продукција со мјузиклот „Мама миа“, концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Ансамблот „Танец“ за кинеската публика ќе одржи уште еден концерт, и тоа во крајбрежниот и туристички град Далиан.

You May Also Like