Денеска (четврток, 26 јануари 2012 година) градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, заедно со директорот на Младинскиот културен центар – Скопје, Златко Стефковски ивршителот на должност Шеф на делегација на ЕУ, Роберт Лидл, го промовираа реконструираниот објект на МКЦ.
Во МКЦ, до сега, е извршена замена на сите стари прозори со нови алуминиумски прозори, вклучувајќи ја замената и на сите влезни врати. Изработена е нова фасада врз целиот објект, извршена е целосна реконструкција на покривот, реконструирани и санитарните јазли, со промена на водоводни и канализациони цевки, поставени се сосема нови санитарии и сменети се плочките во сите тоалети.
– Навистина сум задоволен, што годинава кога се одбележуваат 40 години јубилеј од постоењето на Младинскиот културен центар, сите посетители на МКЦ ќе можат да влезат во еден стар објект со сосема нов лик. Би ја искористил можноста да се заблагодарам за одличната соработка којашто ја имаме со Делегацијата на Европската Унија во нашава држава, како и за финансиската помош што преку ИПА фондовите од Програмата на ЕУ, ја добивме и ја инвестиравме во реновирањето на овој објект. Град Скопје и натаму ќе продолжи од Буџетот да одвојува средства со коишто се надеваме дека многу скоро ќе биде реконструирано и влезното фоаје на МКЦ, а нам не ни останува ништо друго освен да побараме од вработените во Младинскиот културен центар успешно, како и досега, да продолжат со реализацијата на многу и во квалитативна и во квантитативна смисла културни содржини, за сите возрасти. Оваа пригода би ја искористил да го најавам и отворањето на единственото 3Д кино во Македонија, што ќе се случи на 4-ти февруари во Градското кино Милениум, истакна градоначалникот на Скопје.
Со средства добиени од IPA Програмата на Европската Унија во износ од 35.000.000денари (околу 570.000 евра), а по претходно изготвен изведбен проект, завршена е реконструкција на покривот на објектот, реконструкција на надворешна фасада и поставување на современа термоенергетска фасада, со замена на постојните прозори и надворешни врати, како и реконстуркција на санитарните јазли и тоалетите.
Согласно со Договорот склучен меѓу Градот Скопје и Делегацијата на Советот на Европската Унија во РМ, според кој Градот како коинвеститор во целокупната реконструкција се обврза да обезбеди средства за набавка на аудио и светлосна опрема во износ од 4.000.000 денари, па оттука ЈУ МКЦ набави и инсталираше современа техничка опрема којашто ги задоволува потребите за реализација на многубројните музичко-сценски настани коишто се одржуваат во концертната-денсинг сала. Со санирање и редизајнирање се постигна осовременување на просториите и техничките капацитети на објектот.
– Во текот на годината, зборувам на многу настани, но овој за мене е од особено значење. Овој проект што го реализиравме заедно со Град Скопје, ја отсликува нашата директна соработка, зашто ние даваме еден дел од парите, а другиот дел го обезбедуваат општините, но и доказ за нашата, во овој случај, практично применета финансиска помош. Но, убавината на оваа институција не е само со нејзиниот надворешен и внатрешен изглед, убавината на МКЦ ја правите сите Вие што го посетувате овој центар. Затоа, што почесто доаѓајте во Младинскиот културен центар-Скопје, порача Лидл.
Со средствата добиени од Буџетот на Град Скопје, за 2011 година, во износ од 7.250.000 денари, туку што заврши реконструкцијата и санацијата на концертната сала и на киното Фросина во ЈУ Младински културен центар – Скопје. Со овој проект опфатена е комплетна внатрешна реконструкција на концертната сала, нејзина климатизација, како и инсталирање на нов систем за затоплување и климатизација на киносалата Фросина, со што конечно се постигнува трајно решение за проблемот што со години претставуваше сериозна пречка за нормално функционирање на една од најубавите киносали кај нас.
Со цел сеопфатна реконструкција на МКЦ од Буџетот на Градот Скопје за 2008 се потрошени 4.000.000 денари , во 2009 година 4.320.000 за набавка на аудио и светлосна опрема во денсинг салата. Со ова вкупната инвестиција од Буџетот на Град Скопје и ИПА фондот на Европската комисија, за реконструкција на МКЦ, досега изнесува околу 49.000.000 денари.
Директорот на МКЦ, Златко Стефковски, рече дека целата 2012-та година ќе се слави 40-от роденден на Младинскиот културен центар, а еден од настаните што ќе го одбележат овој јубилеј секако е отворањето на 3Д Градското кино Милениум, со еден од кандидатите за Оскар, филмот „Пина“ на култниот режисер Вим Вендерс.
За наредниот период, планирано е комплетно реновирање на главниот хол на МКЦ, како и фоајето во кино Фросина каде што ќе биде сместена модерна медијатека. Исто така, изработен е идеен проект за адаптација на култното т.н. џепно кино, со капацитет од 100 седишта, во современ повеќенаменски функционален простор, како и адаптација на сутеренски простор во нов клубски простор, во кој ќе се промовираат млади музичари и групи од Македонија и од Европа.