Во сабота (28.01.2012 година) со почеток во 20:00 часот, на сцената на МОБ ќе се изведе балетската претстава „Шехерезада“ од Н.Р Корсаков, балет во еден чин. Во насловните улоги ќе настапат: Александра Мијалкова – Забеида и Васил Чичијашвили (Грузија) – Златен роб.
Генералната проба ќе се одржи на 27.01.2012година (петок) со почеток во 12:00 часот.
Шехерезада (кратка содржина):
Царот Шахријар се одмора во својата одаја. Неговиот брат шахот Заман го забавуваат харемските девојки со песна и игра. Шахријар е заинтересиран само за својата миленичка Забеида. Кога царот ќе објави дека ќе оди во лов, Земан отворено го истражува своето сомнение во верноста на Забеида. Девојките од харемот ја заговараат Забеида да му пријде на Шахријар и да му пожели среќа во ловот, за да се оттргне секое сомнение.
Кога мажите одат, девојките го поткупуваат главниот евнух кој ги чува, да ја отвори вратата од харемот.
Црните робови влегуваат во харемот и почнуваат оргии со жените на Шахријар. Забеида за себе го одбрала најубавиот меѓу нив. Одеднаш се враќа Шахријар, кој се посомневал во верноста на Забеида. Смртната казна пристигнува за робовите и евнусите.
Забеида пробува да го моли царот за милост и го убедува за нејзината верна љубов. Кратко време состојбата изгледа дека е спасена, но сепак царот ја жртвува својата љубов за да ја спаси својата чест.
Забеида која не наоѓа решение се самоубива во прегратката на царот Шахријар.
„Шехерезада“ балет од Н. Р. Корсаков
Диригент: Бисера Чадловска
Кореограф: Михаил Крапивин (Русија) со првична постановка на Михаил Фокин
Сценограф: Марија Ветероска (по сценографијата на Л. Бакст)
Костимограф: Маја Бурсач (по костимографијата на Л. Бакст)
Каст:
Забеида: Александра Мијалкова
Златен роб: Васил Чичијашвили (Грузија)
Султан Шахријар: Горан Божинов
Шах Земан: Киро Павлов