„Изложба на графики и скулптури“ од уметници од Корча (Албанија) во „Магаза“ Битола, вечерва (петок 27.01.2012) со почеток од 19:00 часот. Изложбата е во рамките на проектот „Граници без граници“.
Општина Битола е единствената општина во Република Македонија која од Европските фондови доби грант од компонента 3 – Социјална кохезија, прекугранична соработка во 2011 година – проектот „Borders without boundaries“ – „Граници без граници” кој се реализира помеѓу Општина Битола и Општина Корча, Албанија.
Целта на овој проект, насловен како „Граници без граници“ е промоција на добрососедските односи, поттикнување на стабилноста, безбедноста, напредокот, и поттикнување на одржлив развој во заеднички интерес на двете страни. Проектот овозможува воспоставување одржлива прекугранична соработка, со градење нови мостови на комуникација, долгорочни партнерства, вмрежување, змена на податоци, каде сите ресурси се ставени во употреба на пошироката јавност, како и изработка на промотивни материјали кои ќе им користат на општините во понатамошната нивна промоција.
Во проектот кој е во завршна фаза беа реализирани три работилници на кои учествуваа по 10 млади невработени лица од двете општини, од кои две во Битола: работилница за фотографија која заврши со изложба на која градоначалникот на Битола, Талески им додели сертификати на учесниците на работилницата, дводневен семинар и работилница за филм каде учесниците имаа можност да научат како да ги препознаат, промовираат културно-историските и природните капацитети на општините и можност да управуваат со софистицирана техника за снимање филм, од кој материјал во фаза на изработка е ДВД кое ќе служи за промоција на двете општини, а во Корча беше организирана работилница за ракотворби. Исто така од овој проект треба да излезе Календар на културни настани за 2012 година, кој заедно со ДВД-то и изложба на целиот материјал кој беше изработен на работилниците ќе биде промовиран на завршниот настан во месец март, со што ќе се затвори проектот.
Проектот исто така содржи размена и гостување на уметници од двете општини. Во Битола гостуваа „Фанфаре бенд“ на Битолскиот летен Фестивал Бит Фест и оваа изложба, а во Корча настап имаа „Памперс“ на Фестивалот на пивото, а на 3 февруари 2012 г0дина во уметничката галерија во Корча ќе биде отворена изложба на Здружението на копаничари од Битола.
Вкупниот буџет со кој се реализира овој проект изнесува 83 550 евра, од кои 60 % се средства од ЕУ, а Општините Битола и Корча учествуваат со по 20% од средствата.