„Лудвиг“ од култниот Давид Албахари во издание на „Икона“

Култниот писател Давид Албахари со гостување во Македонија. Преводот на делото е на Александар Прокопиев, додека дизајнот на корицата го изработи Отец Методиј Златанов.

Вчера, (четврток, 10.11.2011), во кино “Фросина“, Младински културен центар, проф. Д-р Александар Прокопиев ја промовираше книгата “Лудвиг“ од Албахари, во присуство на авторот. Делови од романот ги прочита актерот Сашо Тасевски.

– ”Лудвиг“ е концизен роман, структуиран така што наликува на музичка тема, компактен романескен текст, којшто е најдобро така и да се чита: наеднаш, онака како што би ислушале некој клавирски концерт, се вели за романот. Дејството на овој извонреден роман на Давид Албахари се одвива во Белград и говори за комплексното пријателство на двајца писатели. Делото на фин „албахариевски“ начин, го преиспитува и го става под лупа тоа пријателство, во кое се содржи, колку поврзаност на двајца мажи во професионалниот и во приватниот живот, толку и константна несигурност, нелагодност и недоверба.

Албахари е еден од најпознатите и најценетите српски писатели. Преведен е на дваесетина јазици. Тој е првиот добитник на книжевната награда “Балканика“ во 1997 година, за книгата “Мамец“, за која му е доделена и наградата на НИН за најдобар роман во 1996 година. За романот “Пијавица“ја добива наградата на град Белград. За книгата со приказни “Опис на смртта“ ја доби “Андриќевата награда“.

Книгата „Лудвиг“ во издание на издавачката куќа “Икона“ е објавена со поддршка од европската мрежа за книжевност и преводи ТРАДУКИ, во која членуваат Министерството за европски и меѓународни работи на Австрија, Министерството за надворешни работи на Германија, Фондацијата за култура „Про Хелвеција“ од Швајцарија, КултурКонтакт од Австрија, Гете институт, Словенечката агенција за книга и Фондацијата „С. Фишер“.

You May Also Like