Денеска (петок, 8 август) во 20:30 часот во домот на АРМ во Битола ќе се одржи концерт на Лука Тошев-гитара и Димитар Михајловски-виолина, во пијано придружба на м-р Мери Кавкалевска Стоилкова. Програма : Бах,Хендел, Мерц, Моцарт, Бетовен, и Паганини.
Лука Тошев е роден на 31.03.1996 година во Битола. Своето музичко образование го започнува во нижо музичко училиште на отсек виолина.Во 2009 година се запишува во Државно Музичко Училиште-Битола на отсек гитара кај м-р Сашо Поповски. Учествува на повеќе фестивали и натпревари во државата. Посетува мастеркласи кај професорите: Стела Митева Динкова (Бугарија), Тања Јанкова (Македонија), Зоран Анич (Србија), Педро Родригез (Португалија/Хрватска). Посетува часови кај проф. Дарко Багески каде и ќе го продолжи своето образование на Факултетот за музички уметности- Скопје. Оваа година го одржа својот прв солистички концерт и освои прва награда на државниот натпревар во Скопје.
Димитар Михајловски е роден во Битола каде го завршува своето нижо и средно образование отсек виолина во класата на проф. Ванчо Стоилков. Во своето 14 годишно искуство Димитар учествува на повеќе натпревари во Македонија и странство каде забележува доста успеси. Во 2009 година зедно со проф. М-р Мери Кавкалевска Стоилкова освојуваат две GRAND PRIX награди на државниот натпревар за сите инструменти во Скопје,и меѓународниот натпревар “Ars Kosova” во Приштина, Косово. Истата година Димитар го одржува својот прв рецитал на Фестивалот за класична музика “Интерфест”во Битола,а со својот матурски концерт 2010 год. го завршува средното образование во Битола. Изминатите години завзема учество на позначајните културни музички фестивали кај нас(Охридско лето ,Бит фест,Скопско лето, ДММ, ЕМС).
Покрај настапите во средно образование оваа година Димитар настапува како солист со Македонската филхармонија ,а моментално е апсолвент на Факултетот за музичка уметност во Скопје,во класа на проф.м-р Љубиша Кировски.