Изложба „Еха од иднината“ на Страхил Петровски во Мала станица

Изложба на авторот Страхил Петровски  насловена „Еха од иднината“, ќе се отвори на 24 октомври 2019 година (четврток), во просториите на мултимедијалниот центар Мала станица, при Националната галерија на Македонија, со почеток во 20 часот…

  • Најновиот мултидисциплинарен проект на македонскиот визуелен уметник Страхил Петровски нуди толкувања на размислите кои се однесуваат на секојдневниот живот, притоа поставувајќи се себе си во позиција на критичар на реалноста на современото општество. Проектот е составен од три(3) целини во кои авторот имплементира повеќе медиуми (објекти и “ready-made”предмети, “found objects”, инталации, фотографија, видео и видео перформанс, аудио запис, текстови и интервенции во просторот на галеријата…), кои функционираат како одделни дела со сопствена интимна „приказна“, но и заедно во вид на циклус кој дава сублимирана слика за различните човекови размисли и состојби.
    Авторот ја претставува својата потрага по личниот идентитет во лавиринтите на динамичната и конфузна технолошка денешнина на информациски хаос обременет со наталожените слоеви на традицијата уште од неговите претходни визуелни остварувања, па се до денес, а се чини дека на извесен начин овие прашања се постојано присутни како своевидно продолжение на една секогаш актуелна Диогенова потрага по човекот. Како што самиот уметник потенцира, овој проект е негова субјективна реакција и рефлексија на она што ни се случува во ова проблематично и турбулентно време, време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики; време на изместени вредности, безкрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен.., време на кризи кои влијаат на виталноста на целата планета.
    Конечно, круцијален момент во неговото творештво е желбата да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот итн, наспроти цензурата, самоцензурата, кои се спротивставуваат на првичните принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото. Петровски, поаѓајќи од максимата на Марко Аурелиј “ What we do now echoes in eternity”, преку еден хуманистички пристап кон урбаната антропологија, не претендира на визуелни претстави кои би понудиле толкувања или решенија на проблемите, туку верува дека истите ќе генерираат уште повеќе прашања во однос на проблемите на свеста и совеста, вели за авторот кураторот на изложбата Маја Чанкуловска – Михајловска.

Страхил Петровски е роден 1974 година во Куманово, Република Македонија. Петровски е претставник на средната генерацијата визуелни и мултимедијални уметници, кој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година, завршува и последипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Од 2000-2002 година работи како надворешен соработник – демонстратор на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, по предметот сликарска технологија и сликарски техники кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, а од 2002 – 2010 година, хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник-конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научно – истражувачки проект “Брестал” под менторство на проф. Момчило Петровски на Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Неговата уметничка пракса опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видео уметност. Петровски, особено во последните години користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социо-политички прашања како пост- концептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и приватни колекции, вклучувајќи музеи, галерии во земјата и странство.
Член на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001/2007, и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје.

Самостојни изложби:

2019 Македонија, Скопје, “Еха од иднината/Echoes of the future”,
НУ Национална галерија на Македонија, Mултимедијален центар Мала станица
2018 Србија, Белград, “SCHISM” (society,culture,history,identity,sequence,masks), Галерија73
2018 Франција, Париз, “Urban Echoes / Урбани Еха”, Амбасада на Република Македонија во Франција, (Cité des internationale des arts)
2017 Македонија, Куманово, “Идентитети”, Уметничка галерија – НУ Музеј Куманово
2017 Македонија, Тетово, “Language of the wall / Јазикот на ѕидот”, Стар Амам Тетово
2016 Македонија, Скопје, “Идентитети”, НУ Национална галерија на Македонија, Чифте Амам
2003 Македонија, Охрид, “Пораки, записи, сеќавања”, Куќа на Робевци
2002 Австрија, Виена (Австрија), “Пораки, записи, сеќавања”, Галерија „Ланг“
2001 Македонија, Скопје, “Интимни записи”, Културно – информативен центар
2001 Македонија, Скопје, “Крај на векот – Ред / Хаос, Хаос / Ред”, Музеј на град Скопје
1997 Македонија, Куманово, Слики и цртежи, Уметничка галерија – НУ Музеј Куманово

Учествувал на повеќе од 60 групни изложби, ликовни колонии, симпозиуми и семинари во Македонија и во странство: Скопје (1994, 1995, 1996, 1997, 1998, 1999, 2000, 2001, 2002, 2003, 2004, 2017, 2019); Охрид (2017); Неготино (1995); Тетово (1995); Куманово (1997, 1998, 1999, 2000, 2001, 2002, 2003, 2011, 2015, 2016, 2017, 2018); Штип (1999, 2000, 2001); Самотраки, Грција (1999, 2001); Горњи Милановац, Србија (2000); Ријека, Хрватска (2001); Велес (2001, 2002); Бугарија (2017); Словенија, Похорје (2001); Виена, Австрија (2002), Њујорк, САД (2003, 2005); Урбино, Италија (2018); Малезија (2018);
Перформанс (“Сите бои на џезот 2018”), Уметничка галерија – НУ Музеј Куманово (2018).

You May Also Like