Во Музејот на град Скопје, утревечер (петок) 15.04.2011година, во 19 часот, во знак на сеќавање кон личноста и делото на Љубомир Белогаски, а по повод 100 години од раѓањето на Љубомир Белогаски (1911-2011) и 20 години од донацијата и формирање на галеријата „Љубомир Белогаски“, ќе биде отворена изложбата со наслов „100 дела за 100 години од раѓање на Љубомир Белогаски“.
Изложбата ќе ја отвори министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милевска, а ќе се обрати и Владимир Георгиевски, професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.
На изложбата ќе бидат презентирани 100 акварели, од кои 20 од Донацијата при Музејот на град Скопје и 80 од институции и приватни колекции, лоцирани во периодот од 2000-2010 година. Делата се работени од 1935 до 1990 година и имаат исклучителна трајна вредност во ризницата на македонската современа уметност.
Академскиот сликар Љубомир Белогаски, еден од претставниците на првата генерација македонски современи сликари и основоположник на македонската современа уметност и врвен мајстор на акварелот, е роден во Делчево во 1911 година. Високото образование го формира во Белград од 1931 до 1938 година. Беше долгогодишен професор и педагог во неколку гимназии и во Училиштето за применета уметност во Скопје. Од 1949 година, па се до заминувањето во пензија Белогаски беше професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Добитник е на вредни награди и признанија.
Во знак на почит кон градот во којшто живееше и твореше, Белогаски во 1991 година остави вредно наследство, донирајќи му на Музејот на град Скопје 159 дела акварели. Оваа збирка е од исклучителна важност и е прва од таков вид во земјава. Музејот на град Скопје пред две децении ја формираше Галеријата што го носи името на авторот Љубомир Белогаски, во којашто постојано се изложени акварелите и се чува споменот на авторот и неговото дело, како патоказ за идните генерации.