Вчеравечер, со почеток во 20 часот, свечено беше отворен првиот фестивал на модерен балет „Априлски балетски вечери 2011”. Балетските вечери беа отворени со спектакуларната изведба на претставата „Изгубена верба” (Lost Faith) која покажа дека потенцијалот, оригиналноста и талентот на нашите уметници е рамен на, ако не и поголем од, нивните колеги ширум светот.
Кореографија на Саша Евтимова, музиката е на Љупа Ангелов, а претставата ја изведоа Мими Поп Алексова, Бобан Ковачевски, Биби Басмаџиева, Трајче Стојковски, Ивана Коцевска, Дафина Даниловска, Марина Георгиевска, Игор Веланоски, Миро Митрашиновиќ, Јан Кисилев, Дима Чеботар и Саша Евтимова.
Претставата, придружена со неверојатна музика која ги разбуди сите чувства кај публиката, не’ поведе низ едно магично патување низ човечката психа експресионистички илустрирано низ промените во нас и падовите и врвовите на една „изгубена верба“ во љубовта. Со умирањето на љубовта се раѓа нова надеж; крајот симболизираше почеток, а метаморфозата на трупата балерини и балетани покажа дека ваков вид на модерен балет е одлично примен од скопската публика.
Вечерта се комплетираше со изведбата на веќе монументалната „Болеро“, на Морис Равел во кореографија на Искра Шукарова, која хипнотизираше со репетитивниот такт, живописните бои на сцената и совршената изведба првенката на МОБ Александра Мијалкова и Дима Чеботар од Украина.
Априлските балетски вечери ќе завршат на 29-ти април со светската премиера на балетската претстава „Дракула“ во изведба на португалско-романската балетска трупа со локална поддршка од МОБ.
Автор: Владимир Ристевски