Министерката упати честитки до СОКОМ за успешното организирање на второто издание на манифестацијата „Виртуози“, која во петокот се одржа во Македонскиот народен театар.
Реализација на многу нови проекти преку кои ќе се придонесе за збогатување на музичкиот живот во државата, презентација и поддршка на се што Македонија поседува како уметничка вредност, како и силна меѓународна промоција на голем број активности кои ги реализира Министерството за култура и оние кои преку годишните проекти македонските уметници ги реализираат во странство, беа дел од темите на работната средба на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска со претседателот на Сојузот на композиторите на Македонија, Сони Петровски.
Министерката упати честитки до СОКОМ за успешното организирање на второто издание на манифестацијата „Виртуози“, која во петокот се одржа во Македонскиот народен театар.
– Манифестацијата втора година по ред се реализира во Македонија, нешто што мислам дека е од особено значење за оддавање благодарност и почит на сите истакнати уметници кои претходната година оставиле значителен белег за македонската култура. Тоа можеше да се види кога се реализираше манифестацијата со голем број награди, значајни настани, млади уметници итн., значи сето она што се направи благодарение на иницијативата на СОКОМ. Манифестацијата ќе продолжи како традиција и ќе има силна поддршка од страна на Министерството, посочи Канческа Милевска.
Таа потенцира дека плодна е и издавачката дејност на СОКОМ и додаде дека се запознала со голем број активности околу издавање носачи на звук, книги, списанија, мултимедијални изданија на македонскиот музички фолклор кои се реализираат од Сојузот на композитори.
– Со поддршка на Министерството годинава македонските уметници, членови на СОКОМ ќе реализираат и неколку концерти на македонската музика и тоа во Србија, Русија и во Холандија. Разговаравме и за стимулативната мерка во делот на класичната музика, а тоа е конкурсот за поддршка на музичкото творештво од областа на класичната музика, кој во јануари го објави Министерството, а во континуитет ќе го реализира со цел да се стимулира создавање 50 композиции годишно од различен вид и за различни изведувачки состави и ансамбли, рече Канческа Милевска.
Програмата за поттикнување на домашното уметничко творештво од областа на класичната музика ќе трае четири години, започнувајќи од 2014 година до 2017 година и за оваа намена Министерството за култура ќе издвои вкупно 24 милиони денари или по шест милиони денари за секоја година поединечно.
Стимулирањето на македонската класична музика стратегиски се поддржува и се развива и во текот на изминатите години, и тоа во периодот 2006-2013 година беа создадени 127 дела на македонски композитори, финансирани во СОКОМ – на членови на Сојузот на композитори на Македонија за најразлични камерни формации.
На средбата станало збор за подготовките за научната манифестацијата „Струшка музичка есен“ која на тема „Музика и образование“ од 12 до 14 септември ќе се одржи во Струга и единствена таква меѓународна манифестација која секоја година продуцира мошне квалитетни научни изданија од областа на музикологијата.
Композиторката Јана Андреевска рече дека на Деновите на македонска музика кои ќе се одржат од 3 – 14 април македонската публика ќе има можност да проследи над 10 концерти на кои ќе биде претставено најновото македонско музичко творештво, а ќе има и гостување на реномирани уметници и ансамбли од странство.