Наследник и расклопувач на уметничката традиција

Пикасо е еден од најхрабрите иноватори во модерната уметност во почетокот на 20 век. Пикасо имаше многу конкретна основа во Сезан кој сликарски ги постави сите основи на кубизмот врз неговото начело „зошто да се повторува она што Бог така добро веќе го направил“.

Теоретски констатира дека целиот реален свет се состои од коцка, топка и цилиндар, односно од геометриски форми на кои сите облици можат да се расклопат за да се насликаат.

Пикасо до Сезан сепак стигнал посредно преку Матис кој пак ги поттикнал Дерен и Брак. Но Пикасо ќе биде тој кој  ќе стане најславен со радикалните комбинации на Сезановите коцки, топки и цилиндри, а симултаното перципирање на предметот од различни агли ќе предизвика испревртено разместување на елементите што во конечниот резултат ќе му дадат искршен лик на предметот. Сето тоа е водено од трезвеност на мајстор од голем ранг.

Големината на Пикасо е во тоа што ги увидел иновативните потенцијали на Сезановите основни геометриски форми, потенцијалите на примитивната сликарска егзотика која ја донесе Гоген, експресијата на црнечката и египетската скулптура,  декоративната стилизација на француските постимпресионисти, а потоа ги применил врз делата на неговите славни претходници правејќи кубистички транскрипции, што само придонело интригата околу неговото сликарство да биде уште поголема. Сетоа тоа е спроведено трезвено, досетливо и мајсторски.

Пикасо насликал стравично искршени и изопачени фигури, и со еден насилен ирационализам претставил еротски сцени за љубовта и смртта, но ја насликал и Герника која е една од најсилните и најангажираните политички слики во модерната уметност, а сепак не бил ниту надреалист ниту реалист.

За Пабло Пикасо може да се каже дека ги наследил сите големи традиции на минатото,  и во исто време расклопил многу нешта во тие традиции, самиот велејќи: “Го сликам светот не таков, каков што го гледам, туку таков, каков што го мислам”.

Љубен Пауновски

You May Also Like