Вечер (сабота, 14 јули) со почеток во 19:00 часот во КЦ Магаза е закажана Презентација на култури.
Со овој настан НВО Together Macedonia на битолчани сака да им долови дел од различните култури на другите земји.
Организацијата Together Macedonia освен на локално дејствува и на интернационално ниво со што младите имаат можност да учествуваат на интернационални настани и да дејствуваат надвор од својата земја, а притоа имаат можност непосредно да се запознаат други култури.
Токму тоа е инспирација за организирање на ваков настан на кој посетителите ќе имаат можност да вкусат храна и пијалоци од различни земји и преку видео презентација, како и различен промотивен материјал и разговори со учесниците на настанот да добијат повеќе информации за презентираните земји.
Овој настан Together Macedonia го организаира со поддршка на конзулатите и здруженијата на други земји кои се наоѓаат во Битола, како и со поддршка од странски волонтери кои својот Европски волонтерски сервис го спроведуваат во нашиот град и млади граѓани кои биле на ЕВС во некои од европските држави.
За најмладите во ЗОО во 18 часот продолжува детскиот креативен фестивал „Мечиња-дечиња“ чија цел е подобрување на условите во золошката градина. „Мечиња-дечиња“ ќе се одржува секој ден во истиот термин се до 19 јули.