В сабота (13 октомври, 2012) во Домот на младите, Штип се одржува шестото издание на македонскиот drum and bass фестивал – Run MK. B-Complex е главен настапувач на вечерта, заедно со гостите од Белград – Rim Runner и MC Bo-Jan и лидерите на македонската drum and bass сцена – D2 (Дарко Степиќ и Hypertech).
Покрај музичкиот дел, има и изложба на микро фотографии од различни автори кои беа избрани на конкурс објавен специјално за фестивалот.
B-Complex е диџеј од Братислава, Словачка кој има издавано за Hospital records, најголемата британска куќа за drum and bass и чиј сингл Beautiful Lies се има искачено во најкупуваните синглови на iTunes UK download chart и во топ 5 симнувани траки на Beatport download chart. По пробивот на британската сцена со помош на London Elektricity, има издавано за многу други куќи, соработувано со големи имиња од сцената како на пример Friction и Дијана Шарлмењ.
RUN MK е drum and bass фестивал кој се одржува во Дом на Млади – Штип. Од 2009 година до сега, RUN MK го имаат посетено над 3800 посетители во шест изданија на фестивалот и имаат настапено дел од најголемите имиња од drum and bass сцената од регионот.
Гордост од досегашните line up диџеи се Big Bud и Nookie, едни од пионерите на британската jungle сцена во 90тите. RUN MK презентира младински активизам преку изложби, видео перформанси и секако музички настапи на уметници кои немале можност за презентација пред јавноста до тогаш, промовирајќи урбан начин на живеење и слобода на изразување. Во арт досието на RUN MK свој креативен печат оставија – Ирена Мила, Катерина Тери Николовска, Маја Рамона Крстевска, Сара Петров и Душан Стојчев со свои изложби и фотографии во претходните изданија на фестивалот.