Излезе од печат „Стрип Алманах“ бр. 4

Во издание на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, а со поддршка од министерството за култура, деновиве од печат излезе четвртиот број на публикацијата „Стрип Алманах“. Станува збор за збирка дела од деветтата уметност – колективен труд на група млади македонски уметници предводени од наградуваниот сценарист Александар Стеванов.

Повеќето од стриповите презентирани на страниците на оваа публикација се од понова продукција, а воедно и дел од оние постарите се објавени премиерно во печатена форма. Во улога на илустратори на објавените дела се јавуваат: Дарко Богданов, Весна Ничевска, Катерина Николовска-Тери, Мирко Бојаџијевски, Стефан Коцевски и Елиза де Соуза.

Од детски стрипови, преку исклучиво формалистички, па до такви инспирирани од историјата и суперхероите, се работи за навистина шаренолика публикација. Верувам дека секој еден би пронашол нешто интересно во ваквиот колаж од жанрови и стилови“, изјави сценаристот Стеванов.

Како специјално издание на магазинот „Стрип Креатор“, првиот број на „Стрип Алманах“ излезе во 2015 година. По двегодишна пауза, преку овој четврти број, македонските вљубеници во стрипот одново имаат можност да уживаат во селекција на најнови дела од домашната стрип-сцена.

You May Also Like